Многу сакаме кога ја менуваме секојдневната кујна со нови и интересни рецепти! Таков е и рецептот за италијанската пармиџана. Звучи интересно нели?! Вреди да се проба овој печен специјалитет од црни патлиџани во сос!
Во нашето поднебје се познати под различни имиња, а најчесто се нарекуваат црни или модри патлиџани. И едното и другото е исправно, а бидејќи се вкусни и хранливи уживаме да експериментираме со нив. Што се однесува на рецептот, Невена ни посочи: „Ова јадење е од италијанската кујна, направено од пржени црни патлиџани и запечени со сос од домати, пармезан, моцарела, босилек… Идеално и освежувачко посебно за потопло време.“
Може да ве интересира: Модар патлиџан – зеленчук богат со антиоксиданси.

Состојки:
- 3 средни црни патлиџани (околу 1 кг)
- 10-тина лажици пармезан
- 200 гр моцарела или кашкавал исечкан на мали коцки
- свежи листови босилек
За сос:
- 1 конзерва од 400 гр пелати домати или 500 мл доматен сос
- 1/2 мала главица кромид
- 2 чешниња лук
- 3-4 свежи листови босилек
- 1 лажиче шеќер
- сол и црн пипер по потреба
- маслиново и сончогледово масло по потреба.
Подготовка:
- Црните патлиџани исечете ги на парчиња по должина, а со дебелина од околу 1 см. Посолете ги со сол, па оставете ги во цедалка да се цедат околу 1 час за да ја испуштат темната течност. За тоа време подгответе го сосот од домати.
- Ако употребувате домати, наместо доматен сос, ситно исечкајте ги.
- Кромидот и лукот ситно исечкајте ги и пропржете ги во 10-тина лажици загреано маслиново масло.
- Во тавата додајте ги и доматите или доматниот сос, шеќерот и неколку листови свеж босилек. Промешајте и оставете ги да варат на средно силен оган околу 10 минути.
- На крај додајте сол и бибер по вкус и тргнете го на страна.
- По изминатото време црните патлиџани избришете ги со кујнска салфетка и испржете ги во поголема количина сончогледово масло. Пржените парчиња ставајте ги на салфетка за да се исцедат од вишокот на масло.
- Потоа подгответе ги за печење. Во мала тава (20 х 20см) ставете неколку лажици од доматниот сос, па над него ставете неколку парчиња од црните патлиџани (треба да има за 3 реда), пак сос од домати, 3 лажици пармезан, малку моцарела или кашкавал и неколку листови босилек. Одозгора повторно наредете црни патлиџани и од останатите состојки се додека ги потрошите.
- Печете во загреана рерна на 180 степени за време од околу 25-30 минути. Јадењето послужете го топла или ладно со лепче како самостоен оброк.
Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.
Ви препорачуваме да прочитате: Модри патлиџани на португалски начин.