Нам не освои уште на прв поглед, а совршениот спој на нутела и лешници го прават овој десерт вистинска гозба за сетилата. Рецептот за оваа вкусна плетенка со нутела и лешници е испробан и понекогаш, наместо традиционалниот козињак може да ја направите неа и да ги воодушевите сите со вашите кулинарски способности.
Потребно е да издвоите малку време за да направите нешто вкусно и убаво. Оваа плетенка има моќ да ги собери сите на трпезата. А, за магија не ви е потребно никакво волшепство, доволно е само да ги искомбинирате вистинските состојки и ќе се случат вкусно чудо во вашата кујна, тоа ни го потврди и нашата пријателка Лана, која со нас го сподели рецептот. А, има ли подобра комбинација од лешници со нутела претопени во вкусно тесто меко како душа? На вас оставаме да го дознаете одговорот на ова прашање.
Состојки:
За тесто:
- 500 гр брашно
- 25 гр свеж квасец
- 100 гр путер на собна температура
- 2 јајца
- 2 лажици шеќер
- прстофат сол
- кора од половина лимон
- 200 мл топло млеко
- 1 јајце за премачкување
За фил:
- 200 гр нутела
- 150 гр крокант од лешник ( 75 гр шеќер, 75 гр лешници)
За премачкување:
- 1 јајце
Подготовка:
- Во мал сад на оган ставете половина чаша млеко кратко да се загрее, па во него додајте го дробениот квасец, 1 лажица шеќер и 1 лажица брашно. Садот оставете го на топло додека квасецот убаво нарасне.
- Брашното просејте го и ставете го во еден подлабок сад. Во него додајте ги шеќерот, солта, нараснатиот квасец, 2-те јајца, путерот, кората од лимон и топлото млеко.
- Од овие состојки замесете меко тесто. Тестото не треба да се лепи за рацете, а доколку се лепи додајте повеќе брашно. Покријте го со кујнска крпа и оставете го околу половина час за да нарасни.
- Во меѓувреме додека чекате да нарасни тестото, направете го крокантот од лешник. Ставете 75 гр шеќер да се стопи и да се претвори во карамел, па во него додајте исто толку цели излупени и испечени лешници. Брзо мешајте со цел тие целосно да се обвијат во карамелот. Отакако ќе се изладат иситнете ги со кујнски сечко или мултипрактик.
- После половина час, тестото развлечете го во правоаголна кора и премачкајте го со нутела (во замена може да го посипите со рендано чоколадо).
- Претходно подготвениот крокант рамномерно распоредете го преку филот од нутела.
- Вака премачканата кора свиткајте ја во ролат и со помош на остар нож расечете го по должина на два дела.
- Секоја половина пресечете ја уште еднаш, така што ќе добиете 4 еднакви ленти.
- Од две ленти исплете ја првата плетенка, а потоа и другата од останатите две.
- Вака исплетените плетенки ставете ги во калап за печење кој претходно сте го обложиле со хартија за печење.
- Премачкајте ги со матеното јајце за да добијат убава боја.
- Плетенките печете ги во загрена рерна на 200 степени околу 35-40 минути или додека заруменат.
- Откако малку ќе се подизладат посипете ги со шеќер во прав. На здравје!
Повеќе фотографии од подготовката може да погледнете тука.
Ви препорачуваме да прочитате: Плетенка (козињак) со кокос и фил од мармалад.