Традиционално за велигденската трпеза се приготвува козињак, кој уште се нарекува милиброд, плетенка или сладок леб. А кога истиот е полнет со фил од мармалад или чоколаден крем, ретко кој може да одолее.
На предлог од Диана, го споделуваме преубавиот рецепт за велигденска плетенка со кокос и фил од мармалад. Наведените состојки се доволни за две плетенки.

Состојки:
- 15 до 20 грама свеж квасец
- 1 лажица брашно
- 1 мала лажичка шеќер
- ¼ чаша кокосово млеко (може да го направите дома, по овој рецепт).
Тесто:
- 350 грама брашно (2 ½ чаши)
- ½ мала лажичка сол
- 2 лажици млеко во прав
- ½ чаша кокосово млеко
- 1/3 чаша шеќер
- 1 јајце и 1 белка
- 1/3 чаша растопен путер
- ¼ чаша кокос
- екстракт од ванила
- 1 мала лажичка кора од лимон или од портокал
- 1 лажица свежо цеден сок од портокал
- 1 мала лажица ликер од портокал или сок.
Фил:
- 1 чаша мармалад по желба (од смокви, црни сливи, мешан)
- мелени јаткасти плодови и суво грозје по желба.
За премачкување:
- 1 жолчка од јајце
- 1 мала лажица кокосово млеко
- 1 супена лажица мак.
За глазирање:
- шеќерен сируп.
Подготовка:
- Во мал длабок сад се ставаат квасецот, кокосовото млеко, шеќерот и брашното. Се мешаат додека квасецот се растопи. Квасецот се остава да нарасне.
- Брашното, солта и млекото во прав се мешаат со лажица.
- Јајцата и шеќерот се ставаат во сад за матење и се матат со миксер. Штом шеќерот се растопи во садот се додава кокосовото млеко и се продолжува со матење.
- Во садот со матените јајца се додава нараснатиот квасец, смесата од брашното и преостанатите состојки за тестото. Се продолжува со месење со миксер или рака, додека се формира топка од тесто.
- Добро измесеното тесто се става во сад и се покрива со кујнска крпа. Садот се остава на топло место да нарасне за време од 1 до 1,5 часа. Може да се направи и двојно нараснување. Еднаш нараснатото тесто премесува и се остава повторно да нарасне.
- Нараснатото тесто се дели на 4 дела. Секој дел се сучи во форма на правоаголна кора.
- Две од корите се премачкуваат со фил, кој е важно да биде густ. Може да се стави мармалад, чоколадо, да се додадат мелени ореви, лешници или суво грозје. Од двете кори се формираат ролати.
- Другите два дела од тестото се сучат во форма на правоаголни кори со дебелина од 4 до 5 мм. Во средината на корите се ставаат ролатите. Под агол од 45 степени од краевите на корите се сечат ленти, кои се плетат околу ролатот.
- Плетенките се оставаат во намрсена тава да нараснат за време од 30 до 40 минути. Пред печење се премачкуваат со изматена жолчка со млеко и се поросуваат со мак по желба. Плетенките се печат во загреана рерна на 175 степени за време од 30 минути, додека добијат златеста боја. Печените плетенки со кокос и мармалад се вадат од рерната и се оставаат да се изладат. По желба се глазираат со шеќерен сируп.
Ви предлагаме да прочитате: Традиционален Велигденски милиброд (козињак).