Штом ја погледнавме фотографијата почувствувавме дека е неодоливо вкусно и здраво, а откако ги прочитавме состојките се уверивме дека е така! Кате ни предложи фантастичен рецепт за посен намаз од кикиритки и семиња, едноставно одличен е!
Може да го јадат сите, деца и возрасни, оние кои постат или преферираат вегетаријанска храна, сите кои обожаваат семиња… Сите кои го обожаваат мирисот на домашно подготвените нешта со љубов. „А, во деновите кога се пости без масло, слободно изоставете го маслиновото масло, и така е вкусен.“ – ни кажа Кате.

Состојки:
- 100 гр несолени печени кикирики
- 120 гр сончоглед
- 100 гр сусам
- 50 гр бадеми
- 50 гр семки од тиква
- 6 чешниња лук
- 2 лажици маслиново масло
- цеден сок од 1 лимон
- 1 лажица сечкан магдонос
- 200 мл зовриена вода
- сол по потреба
- црн пипер по потреба.
Подготовка:
- Најпрво ставете ги во блендер кикиритките, сончогледот, сусамот, бадемите, семките од тиква, лукот и изблендирајте.
- Потоа, префрлете ја смесата во длабок сад и додајте го маслото, сокот од лимон, магдоносот и постепено со постојано мешање додавајте ја и водата.
- Додајте сол и црн пипер по вкус и добро измешајте го намазот. Ако сакате да биде помалку густ додајте уште малку вода. Соберете го намазот во стаклен сад со капак и чувајте го во фрижидер. Препорачуваме да го изедете во рок од неколку дена.
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.
Ви препорачуваме да прочитате: 5 здрави и испробани рецепти за посни намази.