Ех, колку сакаме домашни топли кифлички! Посни или мрсни, со фил се превкусни, нели? А сега имаме нов рецепт. Станува збор за посни полжавчиња со маслинки и домати.
Домашни и приготвени во кујната на Невена! Со маслинки, домати и посен кашкавал за екстра вкус и убави моменти со семејството.

Состојки:
- 250 мл топла вода
- 75 мл (1 мал филџан) масло
- ½ коцка (20 гр) свеж квасец
- 1 мала лажичка сол
- 1 мала лажичка шеќер
- околу 500 гр брашно.
За фил:
- 100 гр сушени домати во масло
- 10-15 (50 гр) црни маслинки без семки
- околу 60 гр посен кашкавал
- по потреба маргарин за одозгора.
Подготовка:
- Во сад за месење ставете ги водата и квасецот. Измешајте ги убаво за да се раствори квасецот. Потоа додајте ги маслото, шеќерот и солта. Постепено додавајте го брашното и замесите изедначено, мазно и меко тесто.
- Тестото покријте го со најлонска фолија и оставете го да одмори 10-15 минути.
- За тоа време подгответе го филот.
- Сушените домати извадете ги од маслото на салфетка да се исцедат малку од маслото и потоа исечкајте ги.
- Маслинките исечкајте ги на кругчиња, а кашкавалот изрендајте го.
- Тестото поделете го на 2 дела. Од едниот дел на работна маса развлечите правоаголна кора одприлика 28х18 см, нанесете половина од филот и завиткајте ролат. Крајот убаво притискајте го со прстите за да се спои со тестото. Ролатот исечете го на парчиња со ширина од околу 1,5 -2 см.
- Полжавчињата ставајте ги во плех обложен со хартија за печење. Во сечењето полжавчињата се плескаат, но при редењето во плехот малку ќе им ја вратите округлата форма.
- Истата постапка повторете ја и со другата половина од тестото.
- Од како ќе ги направите сите кифлички оставете ги да нараснат за време од 10-на минути.
- Потоа вклучете ја рерната да се загрее на 200 степени. Одозгора врз секоја кифличка ставете по мало парче маргарин.
- Ставете ги да се печат околу 20 -25 минути, додека поруменат. Печените посни полжавчиња со маслинки оставете ги кратко да се изладат, а потоа послужете ги. На здравје!
Рецептот го испратил: Невена Ѓероска.
Ви предлагаме да прочитате: Полжавчиња од готови кори со спанаќ и сирење.