Да се направи посен и вкусен рецепт е предизвик за многумина. А штом станува збор за креативност во кујната при подготовка на посни јадења, Катерина е една од најдобрите. Овој пат таа ни приготви посни полнети пиперки.
Од нејзината кујна ни доаѓа рецепт за посни полнети пиперки со ориз и соја трошки, кои преубаво изгледаат и не мамат да ги пробаме. Рецептот е идеален за време на пости, вегетаријанци и за сите лица кои внимаваат на калорискиот внес.

Состојки:
- 5 пиперки
- 1 главица кромид
- 1 морков
- 2 чешниња лук
- 5 неполни раце ориз
- 1 филџан (од 70 мл) просо
- 1 филџан (од 70 мл) соја трошки
- неколку гранчиња магдонос
- 1 мал компир
- 1 полна лажица црвен пипер
- по потреба мешан сув зачин, црн пипер, масло.
Подготовка:
- Во тава на оган ставете малку масло да се загрее. Во тавата додајте го сечканиот кромид, лук и ренданиот морков. Пржете додека омекне зеленчукот.
- Во тавата додајте ги оризот, просото и соја трошките (претходно накиснати со топла вода и убаво исцедени). Пржете околу 2 минути.
- Потоа додајте ги сечканиот магдонос и црвениот пипер. Зачинете со мешан сув зачин и црн пипер. Измешајте и тргнете ја тавата од огнот.
- Со смесата полнете ги пиперките. Секоја пиперка затворете ја со компир исечен на кругови. Наредете ги пиперките во тава.
- Во тавата во која сте ја спремале смесата за полнење налејте вода и оставете да зоврие.
- Со оваа вода прелејте ги пиперките во тавата. Тавата затворете ја со капак и варете на среден оган за време од 25-30 минути.
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.
Ви предлагаме да прочитате: Полнети пиперки со ориз и туна.