стапчиња од ослиќ 1

Посни стапчиња од ослиќ

Супер брзо, вкусно и посно јадење за оние денови кога сакате да подготвите риба на малку поинаков и поиновативен начин. Ова јадење ќе го обожаваат сите, па дури и децата кои не сакаат да јадат риба подготвена на класичен начин. Пробајте го рецептот за посни стапчиња од ослиќ и уверете се.

Сите ние знаеме колку е важно рибата да се наоѓа често на нашето мени, па затоа споделуваме уште една идеја плус како да ја подготвите на интересен и креативен начин. Подготвена на овој начин може да ја послужите и како мезе, но во комбинација со свежа салата и прилог по ваша желба претставува комплетен оброк за целото семејство.

стапчиња од ослиќ 2

Состојки:

  • 3 парчиња ослиќ
  • 5 компири со средна големина
  • 2-3 лажици маслиново масло
  • лук по желба
  • сечкан свеж магдонос по желба
  • сол по вкус
  • црн пипер по вкус
  • брашно по потреба
  • лебни трошки по потреба
  • сончогледово масло по потреба

Подготовка:

  1. Компирите измијте ги, излупете ги, исечете ги на коцки и ставете ги да се варат. Посолете ги по вкус.
  2. Додека се варат компирите во тава на оган испржете ги парчињата ослиќ.
  3. Откако компирот ќе се свари, процедете го од водата, додајте го маслиновото масло и по желба зачинете ги со сол, црн пипер, лук и магдонос.
  4. Сѐ добро испасирајте додека не добиете пире.
  5. Парчињата ослиќ иситнете ги, и додајте ги во подготвеното пире. По потреба додајте сол и црн пипер. Добро измешајте за да се соединат сите состојки.
  6. Навлажнете ги дланките со вода бидејќи смесата е малку леплива и од претходно направеното пире формирајте стапчиња.
  7. Стапчињата од пире и ослиќ извалкајте ги во густа смеса од брашно и вода, па во лебни трошки и пржете ги кратко во врело масло колку да поруменат. Бидејќи сите состојки се веќе термички обработени, им треба многу малку време за да бидат готови.
  8. На крај готовите стапчиња од ослиќ сервирајте ги со помфрит и салата по ваша желба. На здравје!

Совет плус:

За рибата се тврди дека е најздравото месо што може да се јаде. Нискокалорична е, содржи многу протеини и омега-3 масни киселини.

Ви препорачуваме да прочитате: Брз рецепт за печење на замрзната риба.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: