Обожавате какао и топло чоколадо, а не сакате инстант чоколадни напитоци? Ние имаме супер рецепт за посно топло чоколадо со мед кое има богат вкус и претставува вистинска ризница на хранливи нутриенти и антиоксиданси. Без шеќер, без глутен, здраво, вкусно и идеално за целото семејство!
Овој напиток претставува одличен избор за време на пости, додека читате интересна книга или гледате филм. За да го подготвите совршеното чоколадно уживање ќе ви бидат потребни само 5 намирници. Комбинацијата од какао, цимет, мед и бадемово млеко ќе ве освои со својот вкус, мирис, текстура и хранливост уште на првата голтка. Па, во прва прилика пробајте го и препуштете му се на уживањето на сите сетила!

Состојки:
- 250 мл бадемово млеко или друго растително млеко
- 2 лажички мед
- 2 лажички какао во прав
- ½ лажичка цејлонски цимет во прав
- 1 лажичка пченкарен скроб (густин, нишестее).
За декорација:
- посна шлаг пена по желба
- посно чоколадо по желба.
Подготовка:
- Во мал сад на оган ставете 200 мл бадемово млеко. Оставете го млекото да се загрее.
- Во друг мал сад ставете 50 мл бадемово млеко и додајте го скробот. Измешајте добро за да се соединат состојките.
- Потоа, тргнете го млекото од оган и додајте ги медот, какаото и циметот. Кратко измешајте и додајте го разматениот скроб во топлата чоколадна смеса. Мешајте додека се згусти, а по потреба вратете го садот на огнот.
- Вака подготвеното посно топло чоколадо послужете го во омилената чаша и по желба декорирајте го со изматена посна шлаг пена и парчиња посно чоколадо. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Италијанска пита – кростата со џем од јагоди.