Природната козметика станува се попопуларна во последно време, од повеќе причини. Не предизвикува штетни ефекти врз организмот, лесно може да ја направи секој, многу е ефикасна, а е поевтина во споредба со купечките производи, не ја загадува околината… Денес има многу фирми кои произведуваат органска козметика, меѓутоа цената на таквите производи е многу висока, па затоа ние ви нудиме еден рецепт за природен балсам за усни од чоколадо и цимет кој е навистина евтин и лесен за подготовка.
Овој балсам не само што ќе им обезбеди на вашите усни идеална заштита, туку ќе ве воодушеви и со неговиот чоколаден вкус. Освен што ќе ви се допадне вам, сигурно сме дека и вашиот партнер ќе биде изненаден од пријатниот мирис и меките усни. Затоа, ако сакате да имате убави, негувани и хидрирани усни, спремни за бакнување направете си го овој балсам и уживајте во нивната мекост и нежност.

Состојки:
- 1 супена лажица вазелин
- 20-30 грама темно чоколадо
- ½ лажичка цимет
- ½ лажичка рицинусово масло (во замена може да користите и бадемово, кокосово или невеново во зависност од вашата желба).
Подготовка:
- Најпрво растопете го чоколадото на пареа или пак во микробранова печка.
- Во растопеното чоколадо додајте го вазелинот и добро измешајте додека добиете хомогена смеса.
- Во смесата со чоколадото и вазелинот додајте ги циметот и рицинусовото масло. Повторо добро промешајте додека сите состојки се соединат.
- Вака подготвениот балсам ставете го во соодветна амбалажа. Чувајте го во фрижидер за да се стврдни.
Совети плус:
Балсамот нанесувајте го на чисти усни со нежно втривање со помош на прстите. Најдобро е балсамот да го чувате во фрижидер, бидејќи природната козметика многу брзо може да се расипи доколку долго време се чува на повисока температура. Но, тоа не значи дека не може да го носите со себе кога излегувате. Штом се вратите дома, балсамот ставете го во фрижидерот.
Ви препорачуваме да прочитате: Домашен пилинг за усни од кафе и тиква.