Топлите денови се на самиот праг, па на вашата кожа дефинитивно и е потребно освежување, кое ќе и ја врати живоста и привлечноста. Овој природен пилинг за тело со мирис на лимон е навистина едноставен и евтин за правење, а и многу понежен за вашата кожа од оние кои се на база на сол. Тој ќе ви ја подобри циркулацијата и ќе ви ги отстрани мртвите клетки од вашата кожа.
Како да направите природен пилинг за тело?
Пилингот е неопходен за нежна и блескава кожа, затоа што со отстранувањето на мртвите клетки им помага на новите клетки побрзо да стигнат до површината. Но, дали сте знаеле дека нема потреба да потрошите цело богатство на скапи козметички препарати? Сѐ што ви е потребно за да си направите пилинг за кожа можеби веќе и да имате дома. Природните препарати се ефикасни, евтини и лесни достапни.

Потребни состојки:
- 1 – 2 чаши шеќер
- ¼ чаша кокосово масло
- неколку капки етерично масло од лимон
- кора од еден лимон
- стаклена тегла со капак.
Начин на подготовка и чување:
- Лимонот темелно измијте го, а потоа ставете го да стои неколку часа во вода во која сте раствориле сода бикарбона.
- Потоа, кората од лимонот изрендајте ја на ситната страна од рендето.
- Кокосовото масло доведете го во течна состојба така што ќе го ставите во сад со млака вода или во потопла просторија. Тоа најчесто е во цврста агрегатна состојба на температура до 25 степени, а на повисока температура поминува во течна.
- Во растопеното кокосово масло додајте ги шеќерот, етеричното масло од лимон и изренданата кора од лимон. Добро промешајте за да добиете изедначена смеса.
- Вака подготвениот домашен пилинг ставете го во чиста стаклена тегла со капак и чувајте го на темно и суво место. Користете го еднаш до два пати неделно за нега на телото.
Ви препорачуваме да прочитате: Домашен пилинг кој помага при поткожни влакна.