прокељ

Прокељ – моќен природен борец против ракот

Прокељот е мал зелен зеленчук кој по својот изглед потсетува на минијатурна зелка. Претставува значаен извор на протеини, растителни влакна, витамини, минерали и антиоксиданси.

Овие мали зеленчуци, спаѓаат во фамилијата на зелките (Brassicaceae) заедно со зелката, брокулата и калето. Здравствените придобивки од консумацијата на прокељ се многубројни, па ги изводивме најзначајните кои вреди да ги знаете:

Прокељот е идеална храна за намалување на телесната тежина

Благодарение на нискиот гликемски индекс, прокељот често се вклучува во исхраната на лица кои сакаат да ја намалат својата телесна тежина и да го изгубат вишокот на килограми. Така, во 100 грама прокељ има само 45 калории, 3.38 грама протеини и 3.8 грама растителни влакна, а не содржи холестерол.

прокељ

Изобилува со антиоксиданси и превенира појава на канцер

Може да се каже дека прокељот е чувар на здравјето бидејќи во својот состав поседува значајни антиоксиданси како индоли, лутеин, зеаксантин, сулфорафан и исотиоцијанати. Заедно, овие фито состојки се борат и превенираат од појава на канцер на простата, дебелото црево и матката. Исто така прокељот содржи синигрин, состојка за која истражувачите претпоставуваат дека ги уништува пред канцерогените клетки и штити појава од рак на дебелото црево.

Зеаксантинот е значајна состојка која ги штити очите од штетните УВ зраци, со што превенира оштетување на ретината и појава на катаракта кај повозрасните лица.

Консумацијата на прокељ го зајакнува имунитетот

Состојката ди-индолил-метан која ја има во прокељот, претставува  значаен имуномодулатор, анти-бактериски и анти-вирусен агент, кој го подобрува имунитетот и го штити организмот од настинки и вируси. Прокељот е одличен извор на витамините Ц, А и Е кои му помагаат на телото во борбата со штетните радикали. Витаминот А е значаен за одржување на здрави мукозни мембрани и кожа, а е неопходен за здравјето на очите. Истражувањата покажале дека храната која е богата со овој витамин има заштитна улога против канцер на белите дробови и усната празнина.

Прокељот е еден од најдобрите извори на витамин К. Во 100 грама прокељ има 177 µg витамин К, со што се задоволуваат 147% од дневните потреби на организмот за овој витамин. Витаминот К има важна улога за здравјето на коските, го намалува оштетувањето на нервите и превенира појава на Алцхајмерова болест.

Сподели: