Пролетта е време за уживање во нејзините сезонски радости! Богатството од бои и вкусови кои ни ги нуди ни отвораат апетит и ја будат нашата креативност. Така ја креиравме оваа вкусна и сочна пролетна салата со јајце и бел прелив и топло препорачуваме да ја пробате!
Може да ве интересира: Велигденска свежа салата.

Состојки:
*За 2 порции
За салата:
- 2 варени јајца
- 6 ротквици
- 1 краставица
- 2 листа од марула
- неколку гранчиња свеж копар по вкус
За прелив:
- 150 мл јогурт
- 1 лажица мајонез
- 1/2 лажиче мелен црн пипер
- 1/2 лажиче сол или по вкус
- 1 лажица маслиново масло.
Подготовка:
- Најпрво сварете ги јајцата и оставете ги да се изладат. Предлагаме да бидат средно варени, што значи откако ќе зоврие водата да ги оставите да се варат најмалку 5 минути.
- Листовите марула измијте ги и исцедете ги, а потоа ситно исечкајте ги.
- Исто така измијте ги ротквиците, краставицата и гранчињата свеж копар.
- Краставицата пресечете ја на половина по должина, а потоа издробете ја. Доколку сакате може и да ја излупите, а ние често пати ја јадеме со се кора затоа што е вкусна и декоративна.
- Ротквиците, исто како и краставиците, пресечете ги на половина по должина, па исечкајте ги во вид на полукругови.
- Копарот ситно исечкајте го.
- Подгответе го белиот прелив. Во чаша ставете ги јогуртот, мајонезот, мелениот црн пипер, солта и маслото. Измешајте добро.
- Состојките за свежа салата составете ги во еден сад и измешајте ги. Потоа сервирајте ја салатата во две рамни чинии и во секоја од нив налејте по половина од преливот.
- Изладените јајца излупете ги и пресечете ги на 4 дела. Ставете по 4 парчиња (1 јајце) врз свежата салата која претходно сте ја прелиле со белиот прелив. Послужете и уживајте. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Пролетна свежа салата со прелив од мајонез и павлака.