Денес од кујната на Лана ни доаѓа еден супер предлог за малку необичен и нетипичен појадок за нашето поднебје. Станува збор за „наан“- индиски лепчиња. Ние во многу наврати имаме кажано дека обожаваме вакви рецепти кои ни го доловуваат вкусот на некои егзотични земји. Па, подгответе ги овие вкусни лепчиња и уживајте во традиционален индиски појадок во удобноста на вашиот дом.
Овие лепчиња може да ги послужите и како мезе кога ќе ви дојдат пријатели. Однапред припремете го тестото и изберете намази по желба, а кога ќе дојдат гостите само едноставно и брзо испржете ги лепчињата. Ќе ви преостане само да уживате во вистинската гурманска гозба која со сигурност ќе биде поинтересна од гледање филм со друштвото.

Состојки:
За тесто:
- 300 г брашно
- 15 г свеж квасец
- 1 рамна лажичка сол
- 2-3 лажици масло
- 200 мл вода
- 1 лажичка шеќер
За премачкување:
- маслиново масло или растопен путер по потреба
- лук по потреба
- магдонос по потреба
Подготовка:
- Во сад за месење ставете ги квасецот, ½ чаша топла вода, 1 лажичка шеќер и малку брашно. Добро промешајте за да се растопат состојките и оставете го садот на топло за да нарасне квасецот.
- Откако квасецот ќе нарасне, додајте ги и брашното и маслото.
- Потоа, постепено додавајте од топлата вода и замесете мазно тесто кое не се лепи на рацете. По потреба додајте уште малку брашно или вода.
- Тестото покријте го со кујнска крпа и оставете го да нарасне околу 20 минути.
- Потоа, тестото поделете го на 6 дела кои ќе ги обликувате во топчиња.
- Од секое топче развлечете кора во облик круг со големина на мала чинија и боцнете ја со виљушка на неколку места.
- Во тава загрејте лажица масло и пржете ги лепчињата по неколку минути од секоја страна. Постапката повторете ја со секое од лепчињата.
- Додека лепчињата се сѐ уште топли премачкајте ги со растопен путер или маслиново масло и поросете ги со ситно сечкан лук и магдонос.
- Вака подготвените лепчиња послужете ги за појадок во прилог со некој намаз по ваша желба, маслинки или сирење. На здравје!
Ви препорачуваме да прочитате: Мексиканско тако со домашни тортиљи.