Мексиканската храна е позната по различните вкусови, шареноликост, декоративност и голем број на зачини и состојки кои се употребуваат во нејзиното приготвување. Едно од најпознатите и највкусните јадења е мексиканското тако, кое се приготвува од тортиљи со фил од месо, зеленчук и зачини.
Ако и вие сте љубител на мексиканската кујна, имаме одличен рецепт за тако со домашни, меки тортиљи, кои се прават прилично лесно и брзо, а можете да ги полните со што сакате. Наш предлог за фил е печено телешко месо, ситно сечкан зеленчук и чили сос.
Состојки:
За тортиљи:
- 4 чаши брашно
- 1 мала лажичка сол
- 2 мали лажички прашок за печиво
- 2 лажици путер
- 1 ½ чаша вода.
Фил:
- печено телешко месо
- ситно сечкана зелка
- сечкан кромид
- сечкано авокадо
- мексикански зачин, кари, куркума, оригано, чили сос по желба.
Подготовка:
- Во длабок сад за месење ставете го брашното, солта и прашокот за печиво. Состојките измешајте ги и во садот додајте го путерот. Започнете да замесувате тесто и постепено додавајте ја водата.
- Врз набрашнета површина ставете го тестото и продолжете со месење за време од неколку минути. Еластичното и меко тесто поделете го на 24 делови (може да го поделите на 12 делови со што ќе добиете поголеми тортиљи).
- Од секој дел, формирајте топче. Со помош на сукало од топчињата исучете тенки кори.
- На оган, на средно висока температура ставете нелеплива тава да се загрее. Во загреаната тава ставете една тортиља да се пече. Штом забележите дека на тортиљата се појавиле меурчиња и добива златна боја, свртете ја од другата страна да се пече.
- Печената тортиља ставете ја во тава обложена со кујнска крпа или фолија, додека завршите со сите тортиљи.
- Врз секоја тортиља по желба ставете чили сос, печено телешко месо, сечкана зелка, кромид, авокадо и зачинете со мексикански зачин, кари или куркума. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Мексикански тако чипс на домашен начин.