ролнички од ослич со песто сос

Ролнички од ослич со песто сос

Декоративни, привлечни и со фантастично добар вкус! Гурманско јадење приготвено во кујната на Лана. Пробајте ги ролничките од ослич со песто сос!

Сѐ што ви е потребно за да го направите овој вкусен рецепт се филети од ослич и песто сос. А, доколку не знаете како да направите песто сос, еве еден одличен рецепт за домашен песто сос од босилек. Покрај тоа, ова јадење е и многу декоративно, па може да го послужите за вашите слави и имендени. Може да го направите и во посна и во мрсна варијанта во зависност од песто сосот кој ќе го користите.

ролнички од ослич

Состојки:

  • 800 г филети од ослич
  • сол по вкус
  • црн пипер по вкус
  • лимонов сок
  • маслиново масло
  • рузмарин
  • песто сос.

За прилог:

  • „ориз“ од варен карфиол и брокула
  • сол и црн пипер по вкус.

Подготовка:                                                                             

  1. Филетите од ослич посолете ги од сите страни. Врз горната страна ставете песто сос. Потоа, филетите завиткајте ги во ролнички.
  2. Секоја од ролничките добро прицврстете ја со чепкалка за заби.
  3. Плехот за печење обложете го со мрсна хартија.
  4. Вака подготвените ролнички наредете ги на плех за печење и попрскајте ги со малку маслиново масло и лимонов сок. Врз ролничките ставете неколку гранчиња рузмарин.
  5. Печете ги во претходно загреана рерна, така што горниот грејач нема да го приклучите. Печете околу 20 минути или се додека ролничките поруменат.
  6. Како прилог за ова јадење може да подготвите „ориз“ од карфиол и брокула. Карфиолот и брокулата темелно измијте ги и искршете ги на цветови. Цветовите од карфиол и брокула иситнете ги во блендер или кујнски сечко.
  7. Потоа, зеленчукот префрлете го во длабок сад и прекријте го со вода. Додајте сол и црн пипер по вкус. Варете ги околу 10 минути се додека зеленчукот омекне, а потоа добро исцедете го од водата.
  8. Вака подготвениот зеленчук обликувајте го со помош на калап и сервирајте го на чинија. Покрај него сервирајте ги и ролничките од риба. По желба може да декорирате со листови босилек и парче лимон. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Сочни ќофтиња од ослич.

Сподели: