Сочно предјадење или лесен оброк! Катерина ни предлага нов вкус на солена лисната пита со фил од компири и сирење, кашкавал… Воопшто не е сложен рецептов, може да го направи секој, а состојките се едноставни исто така. Да ја пробаме во друштво на домашните или пријателите!
Може да ве интересира: Лесна солена пита од бајат леб и тиквички.

Состојки:
- 250 гр готово лиснато тесто
За полнење:
- 2 варени компира
- 3 јајца
- 250 мл павлака за готвење
- 100 гр пармезан
- 75 гр кашкавал
- сол по потреба
- црн пипер по вкус
- 13-15 парчиња аспарагус
- 1 шери домат.
Подготовка:
- Парчињата аспарагус ставете ги во зовриена вода да се обарат. Доволни им се 5-10 минути.
- Во тркалезна тава претходно обложена со хартија за печење ставете го лиснатото тесто и избоцкајте го на повеќе места со вилушка.
- Сварените и изладени компири исечете ги на тенки кругови и наредете ги врз лиснатото тесто.
- Посолете ги и наросете мелен црн пипер.
- Во подлабок сад изматете ги јајцата и додајте ја павлаката за готвење.
- Убаво разматете со помош на жица за матење, па додајте ги пармезанот и ренданиот кашкавал.
- Малку посолете, измешајте и турете ја смесата во тавата врз компирите.
- Одозгора наредете ги кружно, претходно обарените и исцедени парчиња аспарагус, и во средината ставете еден шери домат.
- Печете на 180 степени, за време од 35 минути.
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.
Ви препорачуваме да прочитате: Пита со пиперки и сирење.