Имаме нов супер брз и лесен рецепт за солени стапчиња кој ни доаѓа од кујната на Лана. Овие солени стапчиња со маслинки и кашкавал се полн погодок за сите оние кои ја обожаваат медитеранската кујна, но и за сите останати кои сакаат да грицкаат нешто домашно и вкусно додека го гледаат омилениот филм или спортски натпревар. По желба, секако може да ги направите и со други состојки по сопствен вкус, изборот е ваш, а можностите на комбинации на вкусови се неограничени.
Одлични се и за сите семејни прослави, слави, родендени и имендени, па нареден пат кога ќе имате некој повод за славење, покрај традиционалните кифлички направете и вкусни солени стапчиња. Ние ви гарантираме дека сите ќе ги обожаваат и нема да погрешите.

Состојки:
- 500 г брашно
- 20 г свеж квасец
- 1 лажичка сол
- 75 мл масло
- 1 јајце
- 250 мл вода
- 75 г зелени маслинки
- 75 г кашкавал.
Подготовка:
- Во длабок сад за месење ставете го квасецот. Додајте ја и лажичката шеќер, една лажица брашно и половина чаша топла вода. Смесата добро промешајте ја и оставате го квасецот да нарасне на топло место околу 5 до 10 минути.
- Одделете ги жолчката и белката од јајцето во посебни садови и белката изматете ја со помош на виљушка.
- Во садот со квасецот додајте ги и брашното, солта, жолчката од јајцето и маслото.
- Маслинките ситно исечкајте ги и додајте ги во смесата со брашно. Сите состојки замесете ги во мазно тесто, притоа постепено додавајќи го остатокот од топла вода. Тестото е готово тогаш кога повеќе нема да се лепи за рацете.
- Вака замесеното тесто поделете го на два дела кои ќе ги обликувате во форма на топка. Оформените топки од тесто оставете ги да се одморат околу 10 минути.
- Во меѓувреме изрендајте го парчето кашкавал на покрупната страна од рендето.
- Работната маса посипете ја со брашно. Топките од тестото исучете ги во правоаголни кори со дебелина од 0,5 см. Секоја кора премачкајте ја со разматената белка од јајце и поросете ја со ренданиот кашкавал.
- Корите исечете ги на тенки ленти со ширина од 1 см и должина од 15-20 см. Секоја лента свиткајте ја во форма на спирала.
- Вака формираните солени стапчиња наредете ги во тава, претходно обложена со хартија за печење.
- Печете ги во загреана рерна на 200 степени за време од 15 минути или додека добијат убава румена боја.
- Печените солени стапчиња со маслинки внимателно префрлете ги на рамна површина за да се изладат, па сервирајте ги со сос по ваша желба. На здравје грицкање!
Ви препорачуваме да прочитате: Посни солени стапчиња со сенф.