Тарт со фил од мак 1

Тарт со фил од мак

Имаме нова супер комбинација за десерт! Совршен спој на вкусови кои ќе ги задоволат и најпрефинетите. Убавото кај овој рецепт е тоа што тартот не е премногу благ, туку баш онолку колку што треба. Па, наредна прилика кога ќе ви се пријаде нешто благо, направете го овој вкусен тарт со фил од мак кој ни доаѓа од кујната на Лана.

Овој тарт совршено ќе го надополни вкусот на вашето попладневно кафе или чај. Со неговиот вкус седенките со пријателите ќе ви станат уште попријатни, а разговорите послатки. Пробајте го и заблажете се.

Тарт со фил од мак 2

Состојки:                      

За кори:

  • 300 г брашно
  • 1 лажица прашок за печиво
  • 125 г свежо/несолено сирење (за замена може несолена урда)
  • 75 г шеќер
  • 5-7 лажици млеко
  • 5 лажици масло
  • прстофат сол

За фил:

  • 250 г мелен мак
  • 100 г шеќер
  • 75 г путер
  • 100 мл млеко
  • 1 јајце
  • 50 г суво грозје по желба
  • рендана кора од лимон по желба

Подготовка:

  1. Во длабок сад за месење измешајте ги брашното, прашокот за печиво, шеќерот и прстофатот сол. Додајте го младото сирење издробено на парчиња, млекото и маслото.
  2. Замесете средно меко тесто и поделете го на 3 дела, еден поголем дел и два помали. Поголемиот дел развлечете го во круг со пречник од 30 см, за да може да ги обложите и краевите на калапот.
  3. Калапот за тарт треба да е со големина број 26. Премачкајте го со путер и со помош на оклагија пренесете ја кората од тесто. Покријте го калапот за тарт, односно обложете го дното и рабовите на калапот, а она што ќе преостане отсечете го.
  4. Од помалиот преостанат дел развлечете кружна кора со пречник од 26 см, а од третиот дел извадете ленти кои ќе послужат за украсување на тартот.
  5. Во меѓувреме подгответе го филот за тартот. Во длабок сад загрејте го млекото и додајте го путерот за да се растопи. Мелениот мак измешајте го со шеќер и прелијте го со загреаното млеко со путер. Дококу вака подготвената смеса е премногу густа, додајте уште малку млеко по потреба. Додајте ги ренданата кора од лимон и суво грозје, а откако малку ќе се излади во филот додајте го и јајцето.
  6. Вака подготвениот фил поделете го на два дела. Со половина од филот премачкајте ја првата кора во калапот за тарт.
  7. Врз филот со мак ставете ја втората кора со пречник од 26 см, а врз неа распоредете го преостанатиот фил.
  8. Вака подготвениот тарт украсете го со лентите од тесто во вид на решетка и премачкајте го со млеко пред печење.
  9. Печете го во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 35 до 40 минути.
  10. Печениот тарт извадете го од рерна и почекајте малку да се излади пред да го пресечете. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Чоколаден тарт без брашно, со мед и кокосово масло.

Сподели: