Чоколаден тарт без брашно, со мед и кокосово масло

Дали знаете дека и во кулинарскиот свет пости мода? Модните трендови во светот на храната ја поттикнуваат желбата за дегустација и подготовка на различни рецепти. Понесена од новите модни трендови, Диана приготви чоколаден тарт без брашно, со мед и кокосово масло.

Нас ни останува да го дегустираме и овој пат да се засладиме со поздрав десерт!

чоколаден тарт без брашно

Состојки:

  • 100 грама темно чоколадо, минимално со 50% какао
  • 50 грама кокосово масло
  • 1/3 чаша мед или ½ чаша шеќер
  • ¼ чаша какао во прав, 22% масленост
  • прстофат сол
  • ½ мала лажичка инстант кафе
  • 2 јајца.

За чоколадна глазура:

  • 100 грама чоколадо
  • 100 мл течна павлака
  • 10 грама кокосово масло.

Подготовка:

  1. Рерната се загрева на 175 степени. Силиконските форми (вкупно 3) за тарт се премачкуваат со масло.
  2. Кршеното чоколадо заедно со кокосовото масло се топат на пареа. Во садот со растопеното чоколадо се додаваат медот, јајцата едно по едно и смесата се меша. На крај се додаваат какаото, кафето и прстофат сол. Се продолжува со мешање.
  3. Чоколадната смеса се става во приготвените калапи. Тартот се пече за време од 20-25 минути.
  4. Колачите се вадат од рерната и се оставаат кратко да се изладат. Потоа се вадат од калапите. Најдобро е тартовите да останат преку ноќ во калапите, а потоа полесно ќе се извадат.
  5. Во тенџере на оган, на умерена температура се ставаат парчињата чоколадо, павлаката и кокосовото масло. Се меша додека се добие хомогена чоколадна смеса. Тартовите се преливаат со чоколадна глазура. Се сервираат со изматена шлаг пена, лешници и јагоди по желба. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Домашен тарт со вишни.

Сподели: