Тегнет мазник со сирење 1

Тегнет мазник со сирење – традиција за Прочка

„Во пресрет на Прочка, го споделувам мојот испробан рецепт за тегнет мазник со сирење. Ако имаш желба, сигурна сум дека моите детални инструкции ќе ти помогнат успешно да го направиш. За празник или некој семеен собир, ова традиционално јадење ќе ги израдува сите!“ – вели Катерина Шамбевска Спасеновска фудблогер и уредник од нашиот тим.

„Дозата ја прилагодив за една тркалезна тепсија бр.32, плус премесените кори, во случај да ти треба информација колку голем мазник ќе добиеш. А, ако и покрај деталниот опис имаш некакво прашање, слободно обрати се во порака за помош.“ – додава Катерина, која може да ја следите на инстаграм @katerina.shambevska.

Тегнет мазник со сирење 2

Состојки:

За тесто:

  • 700 г брашно (по потреба може да ви треба уште малку)
  • 1 рамно лажиче сол
  • 100 мл масло
  • 350-400 мл млака вода за замесување.

За филовање и попрскување на корите:

  • 350 г изронето бело кравјо сирење – Кораб сирење од Млекара Тетово
  • масло за попрскување по потреба.
Тегнет мазник со сирење 4

Подготовка:

  1. Во поголем сад за месење ставете ги брашното, солта, маслото и млаката вода за замесување.
  2. Замесете меко, но нелепливо тесто и поделете го на 5 дела.
  3. Од секој дел оформете топче, а потоа со помош на рацете направете подебела тркалезна кора. Формата не мора да биде потполно правилна, а големината може да е од прилика колку дланката.
  4. Така припремените кори ставете ги во претходно намрсени плехови или врз намрсена работна површина, премачкајте ги со масло и одозгора и задолжително покријте ги со најлонска фолија за да не фатат кора. Оставете ги 10-15 минути да одморат, па започнете со тегнење.
  5. За тоа време припремете ја масата. Постелете ја со постар чаршаф кој лесно се витка.
  6. Земете ја првата кора и започнете со тегнење. Прво растегнете ја со помош на горната страна на дланките, а потоа ставете ја на чаршафот и истегнете ја во голема тенка кора. Со помош на нож отстранете ги задебелувањата на краевите, а потоа попрскајте со масло и ставете фил од изронето бело сирење. Пред да ставате од филот, изберете која од подолгите страни ќе биде надворешна и при нанесувањето на филот, оставете „празни без фил“ околу 15 до 20 см од кората. Ова ќе ви помогне полесно да ја завиткате на крајот и да не излегува филот, ниту да „гори“ при печењето. На крај, прво со помош на рацете завртете го „филованиот долг раб“ за да почне да се оформува ролната, а потоа со помош на чаршафот довршете го виткањето. Од завитканата ролна направете го мазничето во форма на полжав и ставете го во средината на тркалезна тепсија со големина 32 (дозата ја приолагодив за оваа големина).
  7. Постапката повторете ја со сите кори, по редот на правење, а секоја завиткана кора редете ја во продолжените на претходната во тепсијата. Остатоците кои ги сечевте од корите може да ги премесувате (од прилика краевите на 2 кори прават ново топче/кора) и исто така да ги искористите за подготовка на мазник.
  8. Мазникот попрскајте го со масло и печете го во претходно загреана рерна на 230 степени за време од 25-30 минути, или додека добие убава златно кафеава боја.
  9. Готовиот печен мазник покријте го со подебел слој на платнени крпи или чаршаф за да омекне и оставете го да се излади. На здравје!
Тегнет мазник со сирење 3

Совети плус:

  • Филот може да го замените со иста количина на изварка или да припремите претходно запржено мелено месо со кромид во слична количина и да направите мазник со месо.
  • Водата за замесување тестото додавајте ја постепено на крајот, важно е тестото да е меко и убаво измесено и соединето, за што помалку да ви се кине.
  • Внимавајте со количината на масло при попрскувањето, оти може да добиете многу мрсен мазник кој потоа не е идеален за јадење, ни за вкус, ни за желудникот.

Препорaка од авторот:

Многумина мислат дека подготовката на мазник е напредно ниво со вештини во кујната. До некаде, може да се каже дека е точно, но со детално опишан рецепт како мојов, верувајте ќе успеете да направите и вие. Ве охрабрувам да ги пробате моите рецепти за мазник!

Ви препорачувам да погледнете и: Од кујната на Катерина Ш. Спасеновска: Тегнети мазничиња со кисела зелка.

Ако го направите и сакате да ве споделам на моето стори, тагирајте ме или испратете ми порака. Чест ми е кога ве инспирирам, па за многу повеќе рецепти и убави фотографии следете ме на моите профили Катерина Шамбевска Спасеновска на Instagram или Facebook.“ – вели Катерина. 

Автор на рецепт и фото: Катерина Шамбевска Спасеновска, @katerina.shambevska.

Ви препорачуваме да прочитате:

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

*Рецептот е поддржан од Млекара Тетово.

Сподели: