„Овој вкусен македонски традиционален десерт се приготвува многу одамна. И не само во Македонија. Раванијата се прави низ целиот Балкан. Ја правеле нашите баби, а јас сакам да ја продолжиме таа традиција и да ја ширим македонската кујна. Затоа, го споделувам овој испробан рецепт за раванија со гриз“ – вели Марија Кочовска од нашиот тим која ја направи раванијата.
Во различните краеви на Македонија може да се најде со различно име како раванија, араванија, парена торта, сунгерка… Било како и да се нарекува, карактеристично е дека се прави со јајца и гриз, а печениот колач се полива со топол шербет.

Состојки:
- 8 јајца
- 8 лажици шеќер
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- 8 лажици брашно
- 1 ќесичка прашок за печиво
- 12 лажици гриз.
Шербет:
- 600 гр шеќер
- 1 ќесичка ванилин шеќер
- сок од еден цеден лимон
- 1 литар вода.
Подготовка:
- Во сад за матење ставете ги јајцата. За да добиете најдобра раванија важно е јајцата да бидат на собна температура.
- Во садот со јајцата додајте ги шеќерот и ванилата. Матете со миксер за време од околу 5 до 10 минути, додека шеќерот се растопи и се добие густа смеса.
- Во друг сад ставете ги брашното, прашокот за печиво и гризот. Измешајте ги со лажица. Потоа, постепено додавајте ги во садот со јајцата и продолжете да мешате со лажицата.
- Правоаголната тава (големина 40) обложете ја со хартија за печење. Во тавата турете ја смесата и добро израмнете ја.
- Раванијата печете ја во загреана рерна на 200 степени за време од 10 до 15 минути, а потоа намалете ја температурата на 180 и продолжете со печење уште 5 минути. Печената раванија извадете ја од рерната и оставете ја да се излади. Потоа превртете ја и отстранете ја хартијата за печење. Раванијата вратете ја во тавата и исечете ја на коцки и ромбови.
- Во тенџере ставете го шеќерот, водата, сокот од лимон и ванилата да се варат. Штом шербетот зоврие варете уште 2 до 3 минути. Врелиот шербет оставете го кратко да се излади (минута до две), а потоа со помош на црпалка рамномерно потруете ја раванијата.
- Оставете шербетот да се впие и раванијата да се излади. Декорирајте по желба и послужете. На здравје!
Препорака од авторот:
„Веќе размислуваш да ја направиш раванијата ? Имаш прашања? – Пиши ми на Facebook или Instagram. Посети ги моите профили и пронајди ја твојата инспирација за подготовка на вкусно јадење или десерт. Може да ме следиш на:
- Facebook: Marija Kocovska
- Instagram: @kocovska.marija
А штом го испробаш овој рецепт, испрати ми ги фотографиите или означи ме на твојата објава. Со задоволство ќе ги споделам на стори. И најважно од сѐ – приготви ги со љубов и сподели ги со најблиските.“ – додава Марија.
Автор на рецепт и фотографии: Марија Кочовска, @kocovska.marija.
Ви предлагаме да прочитате: Рецепт за турска раванија со гриз и кисело млеко.