„Среќна сум што ќе ја збогатам ризницата од рецепти на sezahrana.mk со традиционален семеен рецепт, каков што досега немавме!“ – со радост вели Катерина од нашиот тим. Нејзиниот син беше инспирација за таа да ни го приготви и сподели превкусното и многу лично турте за прво запче. Се надеваме дека многу мајки ќе го испробаат и ќе уживаат во подготовката, а со тоа ќе придонесат во негување и зачувување на богатите традиционални вредности на нашата земја.
Еве што друго ни раскажа Катерина за рецептов: „Новата година ни започна со убава вест во домот, Димитар има запче, ми кажа сопругот! Утрински ни светна како бело бисерче! Па направив турте, да ги почестиме блиските како што е обичај. Да биде модерно е супер, но во класиката нема простор за грешка! Едноставно е проверено и одобрено од сите. Затоа се инспирирав да изберам испробан и веќе одобрен рецепт со генерации, од тефтерот на свекрва ми, стар повеќе од 30 години. Побрзав да направам и фотосесија од оваа убавина, затоа што обичај е да се подели со блиски луѓе. Подолу ќе ви споделам кои беа ,,предизвиците” да се подготви рецепт само од листа на состојки (затоа што запнав во доцните вечерни часови) и како ги надминав, за вие да немате никаков проблем при подготовката. Ништо сложено, само следете ги насоките и ќе ви излезе без грешка.“

Состојки:
- 1 чаша млеко
- 1 чаша Брилијант масло
- 2 јајца
- рендана кора од 1 лимон
- 1½ чаша шеќер
- 1 лажиче сода бикарбона од Витаминка
- 1 ќесичка прашок за печиво од Витаминка
- 1 ќесичка ванилин шеќер од Витаминка
- 1 кг брашно.

Подготовка:
- Во поголем сад за месење, изматете ги со виљушка прво јајцата, а потоа додајте ги млекото и Брилијант маслото. Кората од лимонот измијте ја и изрендајте ја, а по желба пред да ја рендате, оставете го лимонот да отстои најмалку 30 минути во 200 мл вода со 1 лажиче сода бикарбона. Потоа, додајте ја во садот со течните состојки.
- Во друг сад, измешајте ги брашното со содата бикарбона, прашокот за печиво, шеќерот и ванилиниот шеќер. Потоа, во садот со сувите состојки постепено додавајте ја смесата со јајцата и мешајте.
- Почнете да мешате со лажица додека се оформи топче од тесто, а потоа со раце, месете го тестото 10 минути или повеќе, за убаво да се соедини.
- Рерната загрејте ја на 180 степени.
- Во меѓувреме, тавата (или калап 24 см) намрсете ја со масло. Не е грешка ако го печете во поголема тава или калап, само да знаете дека ќе варира висината на туртето и соодветно ќе мора да се намали времето за печење ако е во поголема тава, а пониско. Ова е важна насока од подготовката, затоа што ако не го запазете добро печењето, може да не се допече убаво внатрешноста и средината да остане повлажна од краевите.
- Измесеното тесто за турте, ставете го во тавата и декорирајте го по желба. Најлесно и традиционално декорирање на кое се сеќаваме, е со шарени чоколадни бонбони.
- Така припременото турте, ставете го во загреаната рерна и намалете ја температурата на 160 степени.
- Печете 45 минути до 1 час, зависно од рерната. Проверете со дрвена чепкалка дали внатрешноста е печена и туртето е спремно. Уживајте во светот на вкусовите, ви посакуваме здрави, силни и бели запчиња на вашите најмили!
„Чест ми е кога ве инспирирам, па за многу повеќе рецепти и убави фотографии следете ме на моите профили Катерина Шамбевска Спасеновска на Instagram или Facebook. А, ако го направите рецептов, пишувајте ми или означете ме и со задоволство ќе ве споделам на Story на моите профили!“ – вели Катерина.

Автор на рецепт и фото: Катерина Шамбевска Спасеновска, @katerina.shambevska.
Ви препорачуваме да прочитате: Празничен колач со чоколадо и ореви – идеално добар за секое семејство.
Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.
*Спонзориран рецепт.