Употреба на суплементи, за или против?

Употреба на суплементи, за или против?

Во денешно време се попопуларно станува купувањето на разни витамински, минерални или суплементи со разни фитонутриенти и екстракти од растенија. Без разлика дали има реална потреба од нивна консумација, луѓето многу лесно ги купуваат и ги употребуваат овие суплементи. 

Факт е дека некои здравствени состојби бараат примена на одредени суплементи, но здрав човек најчесто нема потреба од користење на било какви додатоци. Пред да се одлучите да посегнете по витамини и минерали во форма на суплементи, ви предлагаме да го прочитате текстот кој следува.

Која е намената на суплементите?

Во светски рамки најчесто се произведуваат суплементи од витамини и минерали. Но, во последните години лесно може да се најдат многубројни суплементи со одредени хранливи состојки кои ги има и во храната, за кои се тврди дека имаат моќ да превенираат или да помогнат во третманот на одредени болести. Намената на витаминските и минералните суплементи е да се третираат одредени дефицитарни состојби кои обично се предизвикани од здравствени проблеми, да се зајакни имунитетот или да се превенираат некои заболувања. Доколку се јави анемија кај постоперативни состојби поради губиток на крв или анемија предизвикана од намалена апсорпција на железо во гастроинтестиналниот тракт, тогаш е оправдана суплементацијата на железо и на витамини од Б-комплексот, но доколку не постои причина тогаш нема потреба за употребата на суплементи.

суплементи

Кои суплементи најчесто се употребуваат?

Најчесто се употребуваат мултивитаминските и мултиминералните суплементи кои ги содржат сите витамини и минерали во потребните дневни количини, но сепак пред да се одлучите да ги користите на своја рака, консултирајте се со лекар или пробајте потребите да ги задоволите преку храната. Доколку имате недостиг на одреден витамин или минерал, добро е да прочитате и да дознаете зошто се важни за организмот и која храна е богата со нив:

Кој е ризикот од несоодветната употреба на суплементи?

Прво да нагласиме дека не е важно само да ги внесете витамините и минералите во својот организам, туку тие треба и да се апсорбираат за да можат да се искористат. Некои витамини и минерали меѓусебно си ја поддржуваат апсорпцијата додека некои пак си ја попречуваат. Затоа не значи дека ако внесете суплемент со сите витамини и минерали, тој ќе биде и соодветно искористен. Витамините и минералите во храната се наоѓаат заедно со други материи кои ја олеснуваат нивната апсорпција или метаболизам, па затоа нивната изолирана форма никогаш не може да се спореди со природната форма.

Другата работа на која треба да внимавате е тоа дека некои витамини и минерали навистина може да имаат штетни последици доколку се земат во поголеми количини и доколку се земаат подолго време. Така на пример предозирањето со витаминот А може да предизвика кардиоваскуларни проблеми, може да го зголеми интракранијалниот притисок, да го зголеми ризикот од респираторни инфекции. Некои минерали како: селен, фосфор, железо, манган и други минерали во трагови исто така се токсични во поголеми количини и може да предизвикаат некои доста сериозни симптоми или да го нарушат балансот на другите витамини и минерали во организмот.

Затоа немојте да посегнувате по витамини и минерали во таблети, доколку немате вистинска потреба од тоа, туку вашиот извор на овие супстанци нека биде здравата храна која ви нуди многу поголем комплекс на заштитни материи чие заедничко делување не може да се спореди со нивното делување во изолирана форма.

Автор: Маја Велковска.

Ви предлагаме да прочитате: 6 витамини кои се борат против стареење.

Сподели: