Што да направите ако бебето има констипација (запек) 1

Што да направите ако бебето има констипација (запек)?

Кога станува збор за децата сите знаеме дека тоа е чувствителна тема, а кога веќе зборуваме за бебиња, тоа се надополнува и со одредени специфичности со кои треба да сме запознаени. Токму поради тоа, споделуваме информации кои може да користат доколку бебето има констипација, а вие не знаете што да преземете.

Обично повозрасните од искуство научиле да се справат со различните ситуации кои се јавуваат при подигнувањето на децата, но сите млади мајки и татковци и тоа како имаат потреба од знаење. Често пати до нас стигнуваат пораки со забелешка дека треба почесто да пишуваме и за малите бебиња, па еве неколку корисни совети во таа насока.

Што да направите ако бебето има констипација (запек) 2

Зошто може да се јави констипација кај бебето и како да забележите?

Изметот на бебето мора да се следи. Независно дали станува збор за констипација или дијареа, треба да се посоветувате со лекар. Кога бебето цица, неговиот измет има мека и мазна структура, а кога ќе започнете да му давате поцврста храна може да се случи, да забележите делови од несварена храна. Кога цревата на бебињата не се доволно приспособени на новиот начин на исхрана, може да се јави констипација. Тогаш бебето станува вознемирено, се напрега, плаче и се вцрвенува, а изметот го има во помала количина, е сув или изостанува. Во ваква ситуација задолжително консултирајте се со неговиот лекар.

Кои намирници предизвикуваат констипација кај бебето?

Некои прехранбени намирници како што се недозреани банани, ориз, бел леб, поголеми количини на компир или сирење, варен морков, може да предизвикаат констипација.

Може да ве интересира: 7 интересни факти за авокадото.

Има ли други причинители освен исхраната?

Да, има. Може да станува збор за некаква алергија на храна, некакви лекови, недоволно внесување на течности, адаптирана храна, болест или едноставно преминување од еден во друг начин на исхрана.

Што може да преземете?

Се препорачува овошјето да му го давате пасирано, а кога бебето јаде солени оброци, во нив да додавате пасиран грашок. Може да му давате разблажен и изладен компот од суви сливи, но тоа помага кога станува збор за помали промени. Бебето треба да пие доволно вода од шише, а водата да е специјално наменета за бебиња. Просторијата во која престојува треба да има умерена собна температура и да не е многу топла, затоа што тоа доведува до дехидратација. За крај, не заборавајте нежно да му го масирате стомачето и задолжително да ја одржувате хигиената на анусот.

Ви препорачуваме да прочитате: Што причинува запек и како да го решите?

Сподели: