Брза посна салата за слави 1

Брза посна салата за слави

„Кога ќе дојде време за припрема на слава, секој од нас сака да ги почести своите гости со најубави и највкусни мезиња и јадења. А, мора да спомнам дека скоро сите ние, секоја година ги повторуваме неколкуте испробани рецепти кои ги знаеме, а желбата да се припреми и послужи нешто ново вкусно е секогаш тука. Па, ви препорачувам да ја пробате оваа испробана и брза посна салата, која со години ја приготвуваме во фамилијата и гостите баш ја обожаваат, а често си ја приготвувам и како оброк за дома!“ – вели Катерина Шамбевска Спасеновска фудблогер и уредник од нашиот тим.

„Составот може да ви личи несекојдневен, но ве уверувам дека сите состојки потполно се вклопуваат и надополнуваат една со друга. Вреди да ја пробате!“ – додава Катерина, која може да ја следите на инстаграм @katerina.shambevska.

Брза посна салата за слави 3

 

Состојки:

  • 300 грама ситни макарони
  • 300 грама златна мешавина
  • 1 конзерва туна во парчиња (180-200 грама)
  • 200-250 грама зелени јаболка (две средно големи)
  • свежо цеден сок од 1 лимон
  • сол по вкус
  • ладно цедено сончогледово масло по вкус
  • по желба неколку ливчиња салатка за декоративно сервирање.

Подготовка:

  1. Најпрво ставете ги макароните да се варат. Варењето може да биде спрема упатството на паковањето или како што вообичаено ги варите. Препорачливо е да се сварени „ал денте“, односно да не се претерано меки. Исплакнете ги со ладна вода и оставете ги добро да се доцедат.
  2. Златната мешавина ставете ја во вода која врие и варете ја околу 10 минути, па добро исцедете ја.
  3. Лимонот измијте го, а потоа пресечете го на половина и исцедете ја прво едната половина.
  4. Зелените јаболка измијте ги, но не лупете ги. Пресечете ги на половина и исчистете ги од семките. Потоа секоја од половинките исечкајте ја на кришки, а кришките исечете ги попречно за да добиете мали парчиња со интересна форма и декоративен изглед од зелената кора.
  5. Така припремените јаболка веднаш потурете ги со претходно цедениот сок од лимонот, а добро e и да ги промешате за да се зачува нивната боја и да не потемнат.
  6. Потоа, исцедете ја и втората половина од лимонот.
  7. Припремете ја туната така што малку ќе ја отворите конзервата, добро ќе ја процедите и потоа ќе ја отворите целосно.
  8. Во поголем сад измешајте ги сите состојки и зачинете со сол, неколку лажици ладноцедено масло сончогледово масло по ваш вкус и преостанатиот лимонов сок. Измешајте и пробајте, а по потреба додајте уште малку сол и од ладноцеденото сончогледово масло. Послужете ја и на здравје!
Брза посна салата за слави 2

Препорaка од авторот:

Ако ја направите и сакате да ве споделам на моето стори, тагирајте ме или испратете ми порака. Чест ми е кога ве инспирирам, па за многу повеќе рецепти и убави фотографии следете ме на моите профили Катерина Шамбевска Спасеновска на Instagram или Facebook.“ – вели Катерина. 

Автор на рецепт и фото: Катерина Шамбевска Спасеновска, @katerina.shambevska.

Ви препорачуваме да прочитате: Посна салата со ориз, леќа и печурки.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: