Брзи бомбици без шеќер и без глутен 1

Брзи бомбици без шеќер и без глутен

Ги подготвивме со мерак и со желба да се засладиме сите! Потребни ви се само 4 состојки за да направите здрави и вкусни бомбици без шеќер! Одлични за целото семејство, од најмали до највозрасни. Супер се за носење на пикник, на патување или за домашно сладење.

Не се воопшто комплексни за правење, а одлични се за вкус, како и за јадење. Може да се каже дека обожаваме едноставни и лесни рецепти, па така настана и идејата за овие бомбици. Ако сакате може дополнително и да ги декорирате. Еве како ги направивме!

Може да ве интересира: Здрави бомбици со јаболка и цимет без шеќер.

Брзи бомбици без шеќер и без глутен 2

Состојки:

  • 4-5 средно големи јаболка
  • 15 ореви (околу 30 јатки)
  • околу 150 гр урми
  • 2 рамни лажици ванилин екстракт
  • поситен овес по потреба (одприлика 1 до 1,5 чаша).

Подготовка:

  1. Јаболката прво измијте ги, па излупете ги и изрендајте ги. Потоа, ставете ги во помало тенџере да се „пропржат“ на тивок оган. Повремено мешајте, а ќе знаете дека се готови кога ќе станат кремасти и потемни, а водата им испарила.
  2. Оревите искршете ги или ако сте ги купиле во јатки директно ставете ги малку да се потпечат. Може да ги потпечите во тавче, така што ќе промешувате со помош на дрвена лажица, кратко околу 5-10 минути колку да добијат убав мирис и да станат крцкави. Исто така, можете кратко да ги потпечите во рерна загреана на 50 степени. Откако ќе ги испечите измелете ги ситно или ако немате соодветен алат, ставете ги во најлонска ќеса и иситнете ги со помош на толчник.
  3. Урмите исчистете ги од коските и ситно исечкајте ги.
  4. Во сад измешајте ги претходно припремените јаболка, оревите и урмите. Додајте го и екстрактот од ванила и убаво измешајте.
  5. Откако сте ги измешале добро, додајте овес. Количината на овес варира зависно од влажноста на смесата со јаболка.
  6. Оформете ги бомбиците и уживајте во нив!

Ви препорачуваме да прочитате: Здрави бомбици со тиква, овес и мак без шеќер.

Сподели: