Запечен карфиол со ќофтиња и кашкавал

Интересен и несекојдневен рецепт за запчен карфиол со ќофтиња ни доаѓа од кујната на Невена. Комбинацијата од кратко варен карфиол, запржени ќофтиња од мелено месо, бешамел сос и кашкавал е идеален предлог за семеен ручек.

Ова е дефинитивно гурмански предизвик кој мора да се проба!

запечен карфиол со ќофтиња

Состојки:

  • 1 – 1,2 кг карфиол
  • 400 гр мелено месо
  • ½ мала главица рендан кромид
  • 1 парче (35 гр) леб
  • 1 лажиче сол
  • ½ лажиче црн пипер
  • 1 лажиче буковска пипер
  • 1 лажица сечкан магдонос
  • на врв од лажиче сода бикарбона
  • 150 гр рендан кашкавал.

За бешамел:

  • 350 мл млеко
  • 35 гр путер
  • 35 гр брашно
  • по вкус сол, мешан зачин и рендано морско оревче.

Подготовка:

  1. Најпрво подгответе ги ќофтињата. Во сад ставете го месото, додајте го кромидот, лебот натопен во малку вода и исцеден, зачините и смесата убаво измесете ја да се изедначи. Оставете ја малку да отстои и потоа направете мали топчиња со големина на орев.
  2. Ќофтињата испржете ги во загреана тава со малку масло.
  3. Карфиолот искинете го на цветови (не многу мали) и ставете го да се вари во посолена вода. Доволни се само 6-7 минути за малку да омекне. Потоа исцедете го.
  4. Подгответе го бешамел сосот. Во мало тенџерче ставете го путерот да се стопи, додајте го брашното, запржете го како за запршка и додајте го претходно загреаното млеко.
  5. Мешајте додека малку се згусти и додајте ги зачините по вкус.
  6. Тавата за печење намачкајте ја со путер. Ставете го карфиолот, ќофтињата, кашкавалот и измешајте ги. Одозгора додајте го бешамелот и ставете ја тавата да се печи во загреана рерна на 200 степени за време од 30-40 минути. Запечениот карфиол со ќофтиња послужете го веднаш во комбинација со салата по ваш избор.

Рецептот го испратил: Невена Ѓеровска.

Ви предлагаме да прочитате: Похувани ќофтиња од карфиол.

Сподели: