Здрава пита со ленено семе и сончоглед

Здравјето е најважно! Сигурно се сложувате со нас, штом сте тука да го прочитате рецептот за здравата безглутенска пита со ленено семе и сончоглед која ја приготвивме во нашата кујна. Питата ја креиравме сосема случајно, а резултатот беше одличен, па затоа рецептот го споделуваме со сите.

Освен што е здрава, се прави брзо и без месење. Уникатна комбинација од пченкарно и овесно брашно, надополнета со здравите сончоглед, ленено семе, сумам, црно семе и куркума. Дефинитивно е рецепт кој мора да го пробате. Питата е супер како предлог за појадок или за да исечете мало парче за ужина. Без глутен, вегетаријанско и здраво!

здрава пита со ленено семе

Состојки:

  • 4 јајца
  • 2 чаши пченкарно брашно
  • ½ чаша овесно брашно
  • 1 ќесичка прашок за печиво
  • 100 мл газирана минерална вода
  • 2 лажици ладно цедено сончогледово масло
  • 1 чаша печен лупен сончоглед
  • 3 лажици сусам
  • 3 лажици ленено семе
  • 1 лажица црно семе
  • куркума по вкус
  • сол по вкус
  • црн пипер по вкус
  • оригано по вкус.

Подготовка:

  1. Во сад за матење ставете ги јајцата. Изматете ги со миксер.
  2. Во друг длабок сад ставете ги пченкарното, овесното брашно и прашокот за печиво. Измешајте ги, а потоа додајте ги во садот со матените јајца.
  3. Во садот додајте ја газираната вода и измешајте.
  4. Потоа, додајте ги сончогледот, сусамот, лененото семе, црното семе, куркумата, посолете по вкус и зачинете со мелен црн пипер и оригано.
  5. Смесата за пита турете ја во тава (број 28) обложена со хартија за печење. Одозгора попрскајте со сусам и црно семе.
  6. Тавата ставете ја да се пече во загреана рерна на 220 степени за време од 20 минути или додека питата порумени.
  7. Печената безглутенска пита со ленено семе извадете ја од рерната, покријте ја со кујнска крпа и оставете ја кратко да се излади. Потоа, исечете ја на парчиња и послужете ја. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Домашен безглутенски протеински леб со низок гликемиски индекс.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: