топло бело чоколадо

Зимско задоволство – Топло бело чоколадо

Добар филм, пријатна домашна атмосфера и вкусно топло чоколадо за совршен зимски ден! Топлото чоколадо е еден од најпопуларните зимски задоволства на сите генерации. Има неодолив вкус, а неговата подготовка е едноставна и секој може да го направи. За максимално уживање во ладните денови ви предлагаме одличен рецепт за супер вкусно топло бело чоколадо. Опуштете се и почуствувајте ја магијата на совршениот спој на вкусови.

Топлото чоколадо е омилена топла напивка на многумина, и е идеално за студените денови што ни претстојат. Освен тоа што сите го обожаваат, неговата консумација е многу корисна. Чоколадото го поттикнува излачувањето на серотонинот, односно хормонот „за добро расположение“ во нашиот организам. Затоа, не двоумете се, направете си топло бело чоколадо и уживајте во празничната атмосфера со вашите најблиски.

топло бело чоколадо

Состојки:

  • 300 г бело чоколадо
  • 1 лажица шеќер во прав
  • 30 мл ликер од бадем
  • 200 мл слатка павлака
  • 500 мл млеко
  • цимет во прав по вкус.

За декорација:

  • шлаг
  • цимет стапчиња по желба.

Подготовка:

  1. Во подлабок сад искршете го чоколадото и растопете го на пареа. Садот тргнете го на страна.
  2. Во друг сад ставете го млекото да се загрева.
  3. Во растопеното чоколадо додајте ја слатката павлака и шеќерот во прав. Измешајте за смесата да се изедначи.
  4. Потоа, додајте ги врелото млеко и ликерот од бадеми и убаво измешајте. Топлото чоколадо ставете го во чаши по желба.
  5. Со миксер, шлагот изматете го според упатството. Со помош на готварски шприц декорирајте ги чашите со топло чоколадо. Врз шлагот посипете цимет во прав по вкус.
  6. Послужете го со вашите омилени празнични колачиња и уживајте!

Ви предлагаме да прочитате: Домашно топло чоколадо со какао и густин.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: