Крем супа за силен имунитет 1

Крем супа за силен имунитет

„Идејата да ја направам оваа крем супа за силен имунитет потекна во деновите кога бев трудна и единствено на природен начин се справував и борев против настинките. А подоцна, со сите случувања и појавата на короната, премина во јадење кое многу често е на домашното мени. Вкусот е уживање и потполно ќе ве изненади, неочекувано добар! – Топло ви ја препорачувам. Ако еднаш ја пробате, знам дека ќе си ја меморирате и ќе ми кажете колку ви се допаднал рецептот.“ – започнува Катерина од нашиот тим.

„Составот е избран намерно и откако ќе го прочитате можеби ќе помислите, упс, колку многу лук, кромид, праз.., но, кога сето тоа убаво ќе се зготви и кога на тоа ќе се додаде мајчина душица која е идеално комплементарна со лукот, вкусот треба да се доживее, не се раскажува. Кремасто доживување за сетилата и поддршка за „армијата“ на имунитетот!“ – срдечно препорачува Катерина за рецептот.

Крем супа за силен имунитет 2

Состојки:

  • 1 поголема или 2 помали главици кромид
  • 1 страк праз
  • 2 главици лук
  • Брилијант Девствено маслиново масло за запржување по потреба
  • 1 рамна лажица мајчина душица
  • 1 литар пилешки бујон (за замена може зеленчуков)
  • 2 средно големи компири
  • 400 мл павлака
  • морска сол по вкус од Витаминка
  • црн бибер по вкус од Витаминка.

За сервирање:

Подготовка:

  1. Кромидот и празот излупете ги и измијте ги, а потоа исечкајте ги на парчиња. Парчињата не мора да се многу ситни, затоа што на крајот супата се блендира.
  2. Во поголемо тенџере, чие дно е покриено со Брилијант Девствено маслиново масло, ставете ги претходно исечканиот кромид и празот. Оставете ги да се запржат на тивка температура околу 15 минути, а притоа повремено мешајте.
  3. За тоа време припремете го лукот. Главиците излупете ги и чешнињата крупно исечкајте ги, па додајте ги во садот на оган. Лукот пржете го 1 до 2 минути, со постојано мешање.
  4. Додајте ја мајчината душица и по неколку минути и пилешкиот бујон.
  5. Компирите измијте ги, исечкајте ги на коцки и ставете ги во садот на оган. Оставете ги да се варат околу 25 минути.
  6. Зачинете со сол и црн бибер по вкус. Оставете ја супата неколку минути да се излади, па додајте ја и павлаката. Измешајте убаво и потоа изблендирајте. Превкусната крем супа за силен имунитет е готова.
  7. На крај, ситно исечкајте магдонос за сервирање и припремете ги крутоните. Лепчињата исечете ги на коцки, а потоа врз нив налејте по малку Брилијант Девствено маслиново масло и запржете ги на средно висока температура со постојано мешање. Сервирајте од супата, додајте малку магдонос и неколку крутони непосредно пред јадење и на здравје. Уживајте во силниот имунитет со светот на вкусовите!

Совет плус: За да направите бујон на лесен начин, измешајте коцка за супа со соодветната количина на вода. Ова е добра замена за варен бујон од пилешко месо или пак зеленчук.

Крем супа за силен имунитет 3

Препорака од авторот:

Оваа супа е вистински хит кај нас дома и во кругот на поширокото семејство и пријателите. Сум ја подготвила во неколку прилики и за нив, воодушевувањето на нивните лица, беше силна мотивација за несебично да го споделам рецептов. Се надевам дека фотографијата која ви ја направив ја раскажува приказната која сакав да ја пренесам до вас за убавината на домашно зготвена и топла крем супа!

Ако го пробате рецептот и сакате да ве споделам на моето стори, тагирајте ме или испратете ми порака. Чест ми е кога ве инспирирам, па за многу повеќе испробани рецепти и убави фотографии следете ме на моите профили Катерина Шамбевска Спасеновска на Instagram или Facebook.“ – вели Катерина. 

Автор на рецепт и фото: Катерина Шамбевска Спасеновска, @katerina.shambevska.

Ви препорачуваме да прочитате: Печен помфрит од компири и тиквички на лесен начин.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

*Спонзориран рецепт.

Сподели: