ќебапи и плескавици

Најдобри совети за вкусни ќебапи и плескавици

За денот на трудот традиционално се оди на излет и се прави скара, па доколку сакате овој 1-ви Мај да имате навистина добро подготвено месо, наместо да купувате готови смеси за ќебапи и плескавици, направете си ги сами. Со помош на нашите инструкции и рецепти може да ги направите најдобри ќебапи и плескавици досега.

За добри ќебапи и плескавици потребно ви е квалитетно месо. Готовото месо за скара колку и да е квалитетно, никогаш нема да биде подеднакво добро како она што може да си го направите сами. Па, прочитајте ги нашите совети за подготовка на совршено месо за скара.

совети за скара

Кое месо е најдобро за подготовка на ќебапи и плескавици?

За подготовка на ќебапи и плескавици, најдобро е да промешате неколку видови на месо. Така на пример, на 500 г јунешко месо, додајте по 250 г свинско и јагнешко, или пак само свинско или само јагнешко според вашите желби и вкус.

Месото за скара измелете го сами

Доколку немате машина за мелење месо, замолете го месарот од каде што ќе го купувате да ви го измели истото. Ако сепак го мелете сами, потребно е прво да го исечете на крупни коцки и потоа да го измелете два пати. Пред да го измелете вториот пат, месото треба добро да се измеси со раце, за смесата добро да се врзи. Според некои стари рецепти во смесата треба да се додаде и овчи лој, затоа што мрснотијата добро го врзува месото. Меѓутоа, ако месото е доволно мрсно, нема да има потреба да додавате дополнителни масти. Целата постапка на мелење месо треба да се заврши еден ден порано, затоа што смесата треба да отстои преку ноќ за истата да биде спремна за печење.

Може да ве интересира: Брзо скараџиско макало.

Што да додадете во смесата за плескавици и ќебапи?

Неизбежни зачини за мелено месо се сол и црн пипер. А по ваша желба може да додадете и други зачини кои ќе му дадат на месото специфичен вкус. Па така, може да го зачините со праз во прав, а многу скараџии додаваат лук и кромид. Наша препорака е во месото да додадете од 2-5% ситно исечкан кромид. Зачините може да ги ставате помеѓу првото и второто мелење на месото. Некои месари во месото ставаат и лебни трошки, со цел тоа да добие подобра текстура. Но секако, кога смесата ја подготвувате дома не сакате да добиете на количина, туку на квалитет, па затоа доколку се одлучите да додавате лебни трошки тоа нека биде 5-10% од вкупната количина на месо.

Неколку мали трикови за совршени ќебапи и плескавици

Во еден дел од смесата за плескавици и ќебапи  може да додадете чадена сланина или пак толчена лута пиперка. Така ќе добиете гурмански плескавици со специфичен вкус. За време на печењето на месото откако истото ќе фати кора ви препорачуваме да го премачкате со гранче рузмарин кое претходно сте го потопиле во маслиново масло.

Ќебапите обликувајте ги со намрсени раце. Доколку сакате тие да имаат совршен облик може за таа намена да употребите пресечено пластично шише кое ќе ви служи како калап.

Ви препорачуваме да прочитате: Празнична скара совршена за пикник.

Сподели: