Посни полнети пиперки со ориз и соја трошки

Да се направи посен и вкусен рецепт е предизвик за многумина. А штом станува збор за креативност во кујната при подготовка на посни јадења, Катерина е една од најдобрите. Овој пат таа ни приготви посни полнети пиперки.

Од нејзината кујна ни доаѓа рецепт за посни полнети пиперки со ориз и соја трошки, кои преубаво изгледаат и не мамат да ги пробаме. Рецептот е идеален за време на пости, вегетаријанци и за сите лица кои внимаваат на калорискиот внес.

посни полнети пиперки

Состојки:

  • 5 пиперки
  • 1 главица кромид
  • 1 морков
  • 2 чешниња лук
  • 5 неполни раце ориз
  • 1 филџан (од 70 мл) просо
  • 1 филџан (од 70 мл) соја трошки
  • неколку гранчиња магдонос
  • 1 мал компир
  • 1 полна лажица црвен пипер
  • по потреба мешан сув зачин, црн пипер, масло.

Подготовка:

  1. Во тава на оган ставете малку масло да се загрее. Во тавата додајте го сечканиот кромид, лук и ренданиот морков. Пржете додека омекне зеленчукот.
  2. Во тавата додајте ги оризот, просото и соја трошките (претходно накиснати со топла вода и убаво исцедени). Пржете околу 2 минути.
  3. Потоа додајте ги сечканиот магдонос и црвениот пипер. Зачинете со мешан сув зачин и црн пипер. Измешајте и тргнете ја тавата од огнот.
  4. Со смесата полнете ги пиперките. Секоја пиперка затворете ја со компир исечен на кругови. Наредете ги пиперките во тава.
  5. Во тавата во која сте ја спремале смесата за полнење налејте вода и оставете да зоврие.
  6. Со оваа вода прелејте ги пиперките во тавата. Тавата затворете ја со капак и варете на среден оган за време од 25-30 минути.

Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.

Ви предлагаме да прочитате: Полнети пиперки со ориз и туна.

Сподели: