Рецепт за „наан“- вкусни индиски лепчиња 1

Рецепт за „наан“- вкусни индиски лепчиња

Денес од кујната на Лана ни доаѓа еден супер предлог за малку необичен и нетипичен појадок за нашето поднебје. Станува збор за „наан“- индиски лепчиња. Ние во многу наврати имаме кажано дека обожаваме вакви рецепти кои ни го доловуваат вкусот на некои егзотични земји.  Па, подгответе ги овие вкусни лепчиња и уживајте во традиционален индиски појадок во удобноста на вашиот дом.

Овие лепчиња може да ги послужите и како мезе кога ќе ви дојдат пријатели. Однапред припремете го тестото и изберете намази по желба, а кога ќе дојдат гостите само едноставно и брзо испржете ги лепчињата. Ќе ви преостане само да уживате во вистинската гурманска гозба која со сигурност ќе биде поинтересна од гледање филм со друштвото.

Рецепт за „наан“- вкусни индиски лепчиња 2

Состојки:

За тесто:

  • 300 г брашно
  • 15 г свеж квасец
  • 1 рамна лажичка сол
  • 2-3 лажици масло
  • 200 мл вода
  • 1 лажичка шеќер

За премачкување:

  • маслиново масло или растопен путер по потреба
  • лук по потреба
  • магдонос по потреба

Подготовка:

  1. Во сад за месење ставете ги квасецот, ½ чаша топла вода, 1 лажичка шеќер и малку брашно. Добро промешајте за да се растопат состојките и оставете го садот на топло за да нарасне квасецот.
  2. Откако квасецот ќе нарасне, додајте ги и брашното и маслото.
  3. Потоа, постепено додавајте од топлата вода и замесете мазно тесто кое не се лепи на рацете. По потреба додајте уште малку брашно или вода.
  4. Тестото покријте го со кујнска крпа и оставете го да нарасне околу 20 минути.
  5. Потоа, тестото поделете го на 6 дела кои ќе ги обликувате во топчиња.
  6. Од секое топче развлечете кора во облик круг со големина на мала чинија и боцнете ја со виљушка на неколку места.
  7. Во тава загрејте лажица масло и пржете ги лепчињата по неколку минути од секоја страна. Постапката повторете ја со секое од лепчињата.
  8. Додека лепчињата се сѐ уште топли премачкајте ги со растопен путер или маслиново масло и поросете ги со ситно сечкан лук и магдонос.
  9. Вака подготвените лепчиња послужете ги за појадок во прилог со некој намаз по ваша желба, маслинки или сирење. На здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Мексиканско тако со домашни тортиљи.

Сподели: