Солени стапчиња со маслинки и кашкавал

Солени стапчиња со маслинки и кашкавал

Имаме нов супер брз и лесен рецепт за солени стапчиња кој ни доаѓа од кујната на Лана. Овие солени стапчиња со маслинки и кашкавал се полн погодок за сите оние кои ја обожаваат медитеранската кујна, но и за сите останати кои сакаат да грицкаат нешто домашно и вкусно додека го гледаат омилениот филм или спортски натпревар. По желба, секако може да ги направите и со други состојки по сопствен вкус, изборот е ваш, а можностите на комбинации на вкусови се неограничени.

Одлични се и за сите семејни прослави, слави, родендени и имендени, па нареден пат кога ќе имате некој повод за славење, покрај традиционалните кифлички направете и вкусни солени стапчиња. Ние ви гарантираме дека сите ќе ги обожаваат и нема да погрешите.

солени стапчиња со маслинки

Состојки:

  • 500 г брашно
  • 20 г свеж квасец
  • 1 лажичка сол
  • 75 мл масло
  • 1 јајце
  • 250 мл вода
  • 75 г зелени маслинки
  • 75 г кашкавал.

Подготовка:

  1. Во длабок сад за месење ставете го квасецот. Додајте ја и лажичката шеќер, една лажица брашно и половина чаша топла вода. Смесата добро промешајте ја и оставате го квасецот да нарасне на топло место околу 5 до 10 минути.
  2. Одделете ги жолчката и белката од јајцето во посебни садови и белката изматете ја со помош на виљушка.
  3. Во садот со квасецот додајте ги и брашното, солта, жолчката од јајцето и маслото.
  4. Маслинките ситно исечкајте ги и додајте ги во смесата со брашно. Сите состојки замесете ги во мазно тесто, притоа постепено додавајќи го остатокот од топла вода. Тестото е готово тогаш кога повеќе нема да се лепи за рацете.
  5. Вака замесеното тесто поделете го на два дела кои ќе ги обликувате во форма на топка. Оформените топки од тесто оставете ги да се одморат околу 10 минути.
  6. Во меѓувреме изрендајте го парчето кашкавал на покрупната страна од рендето.
  7. Работната маса посипете ја со брашно. Топките од тестото исучете ги во правоаголни кори со дебелина од 0,5 см. Секоја кора премачкајте ја со разматената белка од јајце и поросете ја со ренданиот кашкавал.
  8. Корите исечете ги на тенки ленти со ширина од 1 см и должина од 15-20 см. Секоја лента свиткајте ја во форма на спирала.
  9. Вака формираните солени стапчиња наредете ги во тава, претходно обложена со хартија за печење.
  10. Печете ги во загреана рерна на 200 степени за време од 15 минути или додека добијат убава румена боја.
  11. Печените солени стапчиња со маслинки внимателно префрлете ги на рамна површина за да се изладат, па сервирајте ги со сос по ваша желба. На здравје грицкање!

Ви препорачуваме да прочитате: Посни солени стапчиња со сенф.

Сподели: