сочни домашни ресани со фил

Сочни домашни ресани со фил

Ако не сте ги пробале, не можете ни да претпоставите, ни да замислите колку многу се вкусни! Толку сочни и меки, секоја од нив се топи во уста, да не можеш да се донајадеш. Кога ќе ги пробате нашите домашни ресани со фил, сигурни сме ќе знаете дека не сме го напишале ова само за да ги пофалиме, туку затоа што тоа е потполно точно. Да се почестиме пријатели!

сочни домашни ресани со фил

Состојки:

За ресани:

  • 5 јајца
  • 4 филџани шеќер
  • 4 филџани масло
  • 9 филџани брашно (да не се преполнети)
  • 1 ќесичка прашок за печиво.

За фил:

  • 600 мл млеко
  • 2 ќесички пудинг од ванила
  • 250 гр путер или маргарин
  • 6 лажици шеќер
  • 2 лажици шеќер во прав.

Подготовка:

  1. Подготовката на највкусните домашни ресани запопчнува со матење на јајцата. Во поголем сад за матење прво ставете ги јајцата, а потоа додадете го шеќерот и убаво изматете ги додека се појави трага од маталките.
  2. Откако сте ги изматиле, додајте ги брашното, печивото и маслото, и со помош на лажица соединете ги состојките. Смесата треба да биде малку течна.
  3. Во поголема тава за печење која не треба да е намрсена, се формираат ресаните. Од смесата се зема количина колку половина мало лажиче и со помош на прстот во турка во тавата за да се формира кружна форма (бидејќи смесата е течна, формата се обликува сама). Внимавајте при редењето да оставате доволно простор помеѓу нив за да избегнете да ви се соединат.
  4. Се печат на 180 степени додека заруменат краевите, но бојата треба да остане светла. Веднаш по печењето, клучно е да внимавате да ги одлепите од тавата веднаш, затоа што ако оставите да стојат во тавата за да се изладат макар и кратко, многу ќе ви се кршат и ќе ја изгубат формата.
  5. Откако сте ги подготвиле ресаните се припрема филот. Од млекото додека е ладно се одделуваат 100 мл за разбивање на пудингот, а останатото се става во сад на оган да зоврие.
  6. Додека млекото се загрева, разбијте го пудингот и шеќерот со ладното млеко, а потоа со постојано мешање додајте го во млекото кое врие и во меѓувреме намалете ја температурата. Пудингот се остава за убаво да се излади.
  7. Маргаринот заедно со шеќерот во прав се мати со миксер, па се соединува со изладениот фил и заедно се миксираат.
  8. На крај, земете 2 парчиња од ресаните и филовајте ги. Така залепените парчиња се веќе готови домашни ресани со превкусен фил, а за најдобар вкус и сочност се оставаат на собна температура барем 4-5 часа за да се соединат и омекнат.

Рецепт директно од нашата кујна. Многу слатки и совршени за посебни прилики и со филџан црно кафе. Нема таков кој ги пробал нашите домашни ресани и не се воодушевил, искрено ви ги препорачуваме и ги очекуваме вашите коментари откако ќе пробате. На здравје!

Сподели: