Чиа пудинг со јагоди во чаша 1

Чиа пудинг со јагоди во чаша

Катерина од нашиот тим вели: Вкусна радост во чаша! Време е за чиа пудинг со јагоди! Ова е мојот најнов освежителен специјалитет кој ја обележа пролетта моите сакани и еден од рецептите кои се објавени во најновиот број на списанието Добра храна! Уживање за сите сетила и енергија за телото без шеќер, без глутен и без лактоза. Звучи неверојатно нели? – Баш таков е, идеално добар! Ако сте љубителите на здравиот животен стил, ова е оброк за појадок или десерт за вас. Од предложената доза ќе добиете 2 порции.“

„Ако некој рецепт може да се нарече препознатлив за мене, тоа е овој! Чиа пудинг со јогурт немав сретнато низ интернетот воопшто, а како огромен обожавател на јогурт, помислив, мора да пробам! И, рецептот стана вистински хит! – Прво меѓу моите познаници, а потоа и во сите групи за храна и на Инстаграм. Сум инспирирала многумина да го пробаат, дури и начинот на редење во чашата, што е уште еден од деталите кои го карактеризираат рецептот и мене, пробале да го изведат исто. Па, ме радува што ве инспирирам!“ – споделува Катерина со сите нас.

Чиа пудинг со јагоди во чаша 2

Состојки:

За чиа пудингот:

  • 300 мл јогурт
  • 40 грама чиа семе (6 лажици).

За полнење на чашите:

  • 6 лажици пасирани јагоди (8 јагоди/160 грама)
  • 20 грама мелени бадеми (18-20 бадеми)
  • 6 полни лажици овесни снегулки
  • 4 лажички мед
  • 4 јагоди
  • 10 полни лажици од претходно припремениот чиа пудинг.

За декорација:

  • 2 јагоди исечени на кругови
  • 2 лажички мелени бадеми
  • 2 лажички кокос
  • ливчиња нане.
Чиа пудинг со јагоди во чаша 3

Подготовка:

  1. Најпрво подгответе го чиа пудингот. Во сад измешајте ги чиа семето и јогуртот. Затворете со капак и оставете го да стои во фрижидер 16 до 24 часа. Пожелно е 2-3 пати да го промешате за тоа време.
  2. Кога чиа пудингот е спремен, може да ги припремите состојките. Јаготките измијте и и оставете ги да се сушат, а бадемите измелете ги.
  3. Редењето може да започне. Прво испасирајте ги јагодите и ставете по 3 лажици во секоја од чашите. Веднаш потоа додајте по 3 лажици овесни снегулки во двете чаши и по 2 лажици мелени или сечкани бадеми во секоја чаша. При тоа, тргнете на страна 2 мали лажички од мелените или сечкани бадеми, кои подоцна ќе ги употребите за декорација.
  4. Насечете ги 4-те јагоди на листови со дебелина од 2-3 мм и наредете ги рамномерно по ѕидовите на чашите. Малку притиснете ги, за да се залепат. Додајте по 4 полни лажици од чиа пудингот во секоја од чашите, па над него ставете по 2 лажички мед во чаша. Потоа додајте уште по 1 лажица од чиа пудингот во секоја од чашите и редењето е завршено.
  5. Чашите со овошен чиа пудинг декорирајте ги со 2 јагоди исечени на кругови и наредени во низа. Додајте по 1 лажиче од бадемите кои претходно ги тргнавте настрана, поросете со кокосот и завршете ја декорацијата со гранче нане. Уживајте во фантастичниот вкус со „Сѐ за храна“ и на здравје!

Совети плус:

  1. Ако не можете да чекате преку ноќ, добро е да знаете дека пудингот може да се јаде по 4 до 6 часа во фрижидер. Додека стои убаво е повремено да се промеша.
  2. Освен предложеното овошје, како комбинации може да го јадете со јагоди и банани, банани и киви, банани и малини, само малини или комбинирано шумско овошје и слично.
Чиа пудинг со јагоди во чаша 4

Препорака за крај од авторот:

Ако го пробате рецептот и сакате да ве споделам на моето стори, тагирајте ме или испратете ми порака. Чест ми е кога ве инспирирам, па за многу повеќе испробани рецепти и убави фотографии следете ме на моите профили Катерина Шамбевска Спасеновска на Instagram или Facebook.“ – вели Катерина. 

Автор на рецепт и фото: Катерина Шамбевска Спасеновска, @katerina.shambevska.

Ви препорачуваме да прочитате: Чиа пудинг со спирулина и авокадо.

Следете ја sezahrana.mk и на Instagram и Pinterest.

Сподели: