остеопороза

Што е остеопороза и како да се заштитите од оваа болест?

Остеопорозата можеби кај нас и не е толку познато заболување како што се кардиоваскуларните и малигните болести, но сепак оваа болест зема се поголем замав во светот. Доколку не се дијагностицира на време и не се почни веднаш со нејзин третман, таа може сериозно да го наруши квалитетот на нашиот живот и да доведе до скршеници кои предизвикуваат инвалидитети. Исхраната и правилниот начин на живот имаат голем удел во превенција и третман на остеопороза па затоа во продолжение прочитајте ги информациите кои сакаме да ги споделиме со вас.

Што е остеопороза?

Остеопорозата се дефинира како состојба во која постои зголемена разградба на коскеното ткиво, со што тоа станува порозно, коските се меки и кршливи, и тоа доведува до многу голема веројатност од појава на сериозни скршеници дури и при лесни падови или удари. Скршениците на колк кај постарите лица (кои често се пропратени со неспособност за извршување на основните дневни активности)  многу често се случуваат поради присуство на остеопорозата.

Кои се ризик фактори за појава на остеопороза?

Навременото откривање на оваа болест е многу значајно, за да се превенираат последиците. Сами не можете да ја откриете оваа болест се додека не се здобиете со некоја скршеница. Затоа е потребно да се консултирате со стручно лице-лекар специјалист во оваа област.

Доколку сте повозрасни од 35 години и имате најмалку два од следните ризик фактори, најдобро е да се консултирате со лекар:

  • седечки начин на живот
  • рана менопауза
  • хронична употреба на кортикостероиди
  • употреба на цигари, алкохол и кофеин
  • исхрана пребогата со протеини од животинско потекло, фосфорна киселина (фосфор) и сол.
остеопороза

Како да превенираме појава на оваа болест, и како да ја третираме доколку веќе се појавила?

Постојат неколку терапии за остеопорозата, а всушност истите можат да се користат и за превенција од појава на болеста:

Витамин Д – за правилна апсорпција и искористување на калциумот на телото му е потребен витамин Д. Но, факт е дека кај лицата кои живеат во места каде има доволно сонце, дефицитот на овој витамин не е присутен, така што суплементацијата на витамин Д не е од некоја голема корист.

Калциум – скоро задолжително при третман на остеопороза се препишуваат и суплементи на калциум, но вистинскиот проблем кај остеопорозата не е недостатокот на внес на калциум, туку неговото неправилно искористување и трошење.

Лекови – во последните години, развиени се и лекови кои имаат за цел да ги зајакнат коските кај веќе настанатата остеопороза и да го намалат ризикот од настанување на скршеници.

Вежбање – доколку не вежбаме редовно коските нема да зајакнат ниту да се здебелат. За да коските ги задржат минералите во себе (калциумот), треба да бидат изложени на отпор спротивно од силата на земјината тежа.

Доколку пушите, најдобро е ваднаш да престанете со тоа.

Правилна исхрана – намалете ја количината на сол, протеини од животинско потекло и фосфор во вашата исхрана. Вообичаената исхрана богата со сол, фосфор и протеини од животинско потекло предизвикува преголемо излачување на калциум од нашиот организам, што значи дека дури и да внесуваме доволно калциум тој нема да се задржува во коските туку ќе се излачи преку урината. За да го спречиме овој губиток на калциум треба да ја намалиме употребата на сол во нашата исхрана, да внимаваме на внесот на фосфор (да не консумираме газирани пијалоци богати со фосфорна киселина) и да внесуваме протеини во препорачана количина од 50-60грама на ден, притоа внимавајќи на квалитетот на внесените протеини, т.е. да се внесуваат протеини и од растително, а не само од животинско потекло.

Автор: Маја Велковска.

Ви предлагаме да прочитате: Со правилна исхрана до поздрави коски.

Сподели: