Ако сакате најблиските да ги израдувате со подароци за Новата година и празниците кои доаѓаат, можете да ги завиткате креативно и со многу љубов. А sezahrana.mk е место на кое може да најдете лесни и интересни идеи за пакување на подароци.
Многу истражувања докажале дека примањето и подарувањето на поклони, влијае многу позитивно на нашето расположение. Без разлика дали е подарок со повод или едноставно да изненадиме некој без причина, чувството кое се буди во нас кога личноста ќе го добие подарокот е секогаш многу убаво.
Ако сакате вашиот поклон да има уникатен изглед и да личи како да сте му посветиле посебно внимание, ви препорачуваме да одвоите малку време и сами да го спакувате. Рачната изработка е секогаш поинтересна од класичните изгледи, па да погледнеме неколку идеи за пакување на подароци. Погледнете го видеото со 4-те креативни начини за пакување на подароци и следете ги инструкциите.
Направете украсна кутија од внатрешниот картонски дел на кујнската хартија
Земете го поклонот и ставете го врз картонот. Потоа оставете 15% повеќе од хартијата, од големината на подарокот. Со помош на ножици исечете го картонот и притиснете го на половина. Краевите свиткајте ги во внатрешноста, како што е прикажано на видеото. Ставете го поклонот внатре, а потоа кутијата заврзете ја со украсна лента.
Искористете пластична чаша и направете кутија за подароци
За да ја направите оваа кутија, потребна ви е пластична чаша. Со помош на ножици од горниот дел на чашата исечете ленти со дебелина од околу 1 см. Доколку чашата има два слоеви, лентите од внатрешноста исечете ги. Земете една салфетка и поставете ја на долниот дел од чашата. Потоа ставете ги колачите или поклоните. Лентите од чашата завиткајте ги кон центарот и на крај залепете ги со лепило. Кутијата декорирајте ја по желба со украсна лента.
Направете украсна ќеса за пакување на поголеми подароци
Земете хартија за пакување. Подарокот ставете го врз хартијата, а потоа свртете го кон внатрешноста. Исечете ја потребната хартија. Двата краеви превиткајте ги кон средината и залепете ги со лепило. Долниот крај на хартијата свиткајте го хоризонтално, а потоа отворете го. Завиткајте ги краевите во форма на коцка, како што е прикажано на видеото. Краевите повторно малку свиткајте ги кон средината и залепете ги со лепило. Отворете ја ќесата и ставете го подарокот. Горниот дел од ќесата завиткајте го и залепете го со лепило.
Најлесен начин за виткање на подароци со салфетка
Полесен и побрз начин за пакување на подароци, нема! Земете подебела салфетка и отворете ја. Во средината поставете го подарокот и кравите на салфетката соберете ги над него. Потоа заврзете ги со украсна лента.
Бидете креативни и направете ваше уникатно дело! Уживајте во празниците.
Ви предлагаме да прочитате: Направете уникатни новогодишни декорации со светки.