Ладните денови и студеното време го намалуваат изборот на свежиот зеленчук и овошје. Цените се значително повисоки, а зеленчукот е со помал квалитет. Сепак, не треба да се намали количината на зеленчук која се препорачува да се консумира и во зимскиот период. Затоа, направивме листа на петте најдобри зеленчуци кои имаат лесно пристапна цена, се свежи и изобилуваат со витамини и минерали.
Зелка
Зелката ја подобрува дигестијата, превентивно влијае од настинки и кашлица, а содржи и хлорофил кој се смета за растителен хемоглобин. Доколку често јадете свежа салата со зелка ќе го заштитите организмот од повеќе болести како запек, дебелина, ќе го забрзате метаболизмот итн. Ви предлагаме да ја пробате популарната Coleslow салата со зелка и моркови.
Кинеска зелка
Кинеската зелка е богата е со антиоксиданси како што се каротеноиди, тиоциани, индол 3 карбинол, лутеин, зеа ксантин, сулфофран. Покрај антиоксидансите, кинеската зелка исто така изобилува со растителни влакна. Научните истражувања потврдуваат дека овие состојки превентивно влијаат врз појавата на канцер на градите, дебелото црево и простата, а исто така го намалуваат LDL (лошиот) холестерол во крвта. Пробајте ја здравата салата со кинеска зелка, семиња и урда, приготвена по рецепт од Се за храна.
Марулка
Марулката е помагач на здравјето на срцето и крвните садови, бидејќи придонесува против таложење на масни наслаги на нивната површина. Минералите во нејзиниот состав овозможуваат заштита на нервниот систем, го поддржуваат имунитетот и штитат од настинки, а бидејќи е природен диуретик оваа зелена салата е препорачлива за чистење на бубрезите и дренирање на вишокот на течности од организмот. Таа е главна состојка на повеќето салати, а наш фаворит е редената мимоза салата.
Моркови
Морковот претставува храна која изобилува со хранливи состојки и се препорачува да се користи во диеталната исхрана и во исхраната кај децата. Овој коренест зеленчук е богат со бета каротен, а освен за видот, одличен е за детоксикација и намалување на телесната тежина, затоа што содржи големи количини на растителни влакна и витамин А. Во народот е познат како природен лек, затоа што ја зголемува природната одбрамбена отпорност на организмот, помага при реума, шеќерна болест, кашлица, бронхитис и грип. Може да ги јадете свежи во склоп на салатата со дајкон, моркови и печен сусам.
Цвекло
Цвеклото изобилува со беталаини (црвени пигменти), витамин А, витамин Ц, калиум и железо кои допринесуваат за неговата антиоксидантна моќ. Ја зајакнува крвта, помага за регулација на крвниот притисок, го регулира шеќерот во крвта… Одлично се вклопува со моркови и свеж сол од лимон. Здравата салата од цвекло и моркови е супер избор за оваа сезона.
Се надеваме дека ви помогнавме во изборот на свежа храна и најдобри зеленчуци во зима. Уживајте во ладните денови со природните витамини и минерали од свежата храна!
Ви предлагаме да прочитате: 11 причини зошто да ја полните чинијата со жолто и портокалево овошје и зеленчук.