Здрава салата со кинеска зелка, семиња и урда

Совршено освежување! За ручек или вечера ви предлагаме да направите вкусна и сочна здрава салата со кинеска зелка, краставица, ленено семе, сусам, чија семе, сончоглед, урда и прелив од јогурт. Рецептот е од нашата кујна и е повеќе пати испробан, а сите кои што ја пробаа оваа салата се воодушевија од нејзиниот одличен вкус.  

Не се грижете за мастите и калориите! Кинеската зелка има многу мал број на калории, само 16 калории во 100 грама, што ја прави идеална храна за лица кои внимаваат на својата тежина или пак сакаат да ја намалат телесната тежина. Покрај тоа, богата е со антиоксиданси и растителни влакна, кои го штитат организмот од штетните радикали, хронични заболувања и го подобруваат варењето на храната. Краставиците се богати со вода, го поттикнуваат мокрењето и излачувањето на токсините од телото. А семињата го збогатуваат вкусот и обезбедуваат голем број на здравствени придобивки!

салата со кинеска зелка

Состојки:

  • 7-8 листови кинеска зелка
  • ½ краставица
  • 2 лажици урда
  • 50 мл јогурт
  • 1 лажичка ленено семе
  • 1 лажичка сусам
  • 1 лажичка сончоглед
  • 1 лажичка чија семе
  • сол и црн пипер.

Подготовка:

  • Листовите кинеска зелка добро измијте ги и исцедете ги.
  • На даска за сечкање ситно исечкајте ја кинеската зелка.
  • Краставицата излупете ја и исечкајте ја на тенки кругови. Круговите од краставица исечкајте ги на четвртинки.
  • Во длабока чинија за салата ставете ја ситно сечканата кинеска зелка, урдата, лененото семе, сончогледот и чија семето. Измешајте ги состојките за да се изедначат.
  • Во чинијата ставете го јогуртот, посолете по вкус и зачинете со мелен црн пипер. Повторно измешајте ја и готовата здрава салата со кинеска зелка, семиња и урда послужете ја веднаш. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Свежа салата за брз метаболизам и добар имунитет.

Сподели: