запек и констипација кај децата 1

5 природни методи кои помагаат при запек и констипација кај децата

Проблемите со запек и констипација кај децата се јавуваат многу често. И тоа, освен кај повозрасната популација и малите деца, се појавуваат и кај доенчињата. Овој проблем е мошне непријатен, но за среќа постојат неколку природни и безбедни начини со кои може да им помогнете на вашите малечки. Во продолжение дознајте кои се тие.

Има повеќе причини поради кои се јавува констипација кај доенчињата и малите деца. На прво место е начинот на исхрана. Кај доените бебиња со мајчино млеко после првиот месец од животот можно е да се изретчи нивната столицата, а понекогаш и целосно да отсуствува по неколку дена и тоа е нормално. Тоа се должи, на тоа што мајчиното млеко е исклучително хранливо, па затоа и целосно се апсорбира во организмот на децата. Но, доколку забележите дека вашето бебе при тоа е раздразливо, се грчи, има болка и не испушта гасови тогаш треба да се обратите кај матичниот педијатар. Меѓутоа, во меѓувреме добро да се обидете и со овие природни начини да му ги намалите тегобите на вашето дете.

Обидете се да го откриете причинителот за запек и елиминирајте го

Кај повозрасните деца треба да се обидете да откриете што е причинителот на констипацијата. Дали можеби истиот го предизвикала некоја храна? Дали детето пие доволно вода и течности? Дали консумира овошје и зеленчук? Дали сте го промениле начинот на исхрана кај детето или пак можеби прерано сте вовеле цврста храна кај доенчето? Дури и стресот може да предизвика запек кај малите деца. Откако ќе откриете што му смета на вашето дете направете промени во неговата исхрана и начин на живот. Доколку се работи за доенче, постепено преминувајте на цврста храна. Додека пак кај поголемите деца, храната збогатете ја со растителни влакна и зголемете ја консумацијата на течности.

Топла купка и релаксирачка масажа на стомачето

Растревоженото дете кое има тегоби предизвикани од запек, смирете го така што ќе го релаксирате со топла купка, а потоа масирајте му го стомакот со нежно притискање во насока на  движењето на стрелките од часовникот. Исто така, направете му лесни вежби на нозете така што ќе емитирате движење како да вози точак.

Компот од суви сливи

Кај повозрасни деца може да помогне компот од суви сливи. Исто така може да направите и вода од суви сливи. Оваа вода изобилува со растителни влакна и ја забрзува работата на дигестивниот тракт. Може да ја подготвите така што ќе помешате 2 чаши вода со половина чаша сок од суви сливи (сокот ќе го добиете така што од вечер ќе ги натопите сливите со вода, а утредента ќе ја користите добиената течност).

Ароматична топла купка

Топлата купка може да биде релаксирачка и да ја потикне дигестијата на храната затоа што ги опушта мускулите. Додајте две лажички сода бикарбона во купката на детето или пак направете миризлива купка така што ќе додадете во водата мешавина од суви цветови камилица, невен, лаванда и прав од мелен овес. После ваквата купка оставете го детето да вежба за да ја поттикне работата на дигестивниот систем.

Исхрана богата со житарки

Едно од најдобрите природни решенија против запекот се крие во житарките. Па затоа, често додавајте ги во детските кашички. Може да додавате пченични, овесни или јачменови житарки. Изборот е голем. Тие изобилуваат со растителни влакна и одлично дејствуваат на детскиот дигестивен тракт.

Напомена: Секогаш кога се работи за здравјето на децата, имајте на ум дека најпрво за секој проблем поврзан со нивното здравје треба да се консултирате со педијатар.

Ви препорачуваме да прочитате: Што да направите ако бебето има констипација (запек)?

Сподели: