Ви откриваме неколку совети како да направите совршен снег од белки од јајца, кој ќе биде цврст, постојан и со убав волумен! Често слушаме помеѓу домаќинките или оние кои се занимаваат со слатки нешта дека се нарекува и „шам“, па некаде ќе го спомнеме и тој израз, како прифатен во народот и користен во секојдневниот живот.
Како и да ја наречете пената или снегот од белки, има неколку нешта на кои треба да обрнете внимание, па да видиме кои се тие.

Старост на јајцата
Снег од белки со голем волумен се припрема најдобро од јајца кои се стари најмалку 3-4 дена. Старите јајца полесно се претвораат во пена, а пената има поголем волумен, но и полесно „паѓа“. Доколку ви е поважен волуменот, од стабилноста на шамот, користете стари јајца. За цврт шам користете, што посвежи јајца. Исто така, избегнувајте припрема на снег од белки кога влажноста на воздухот е голема, бидејќи тоа влијае на балончињата на пената.
Раздвојување на јајцата
Ладните јајца полесно се одвојуваат од оние на собна температура, бидејќи белките се поцврсти. Бидете многу внимателни при раздвојувањето на белките од жолчките, бидејќи доколку остане и траг од жолчката, белките нема да се бијат убаво. Видете како најлесно да одвоите белка од жолчка.
Откако сте ги раздвоиле, оставете да постигнат собна температура, така шамот ќе постигне одличен волумен за време на биењето. По вадењето од фрижидер и одвојувањето, почекајте околу 30 минути, па започнете со припрема на снегот од белки. Така белките ќе достигнат 6-8 пати поголем волумен.
Садови и прибор
Бакарните садови, садовите од нерѓосувачки челик или стаклените, се најдобар избор за припрема на шам од белки. Избегнувајте пластични садови, бидејќи често може да содржат трагови од масло кои може да пречат. Најважно е садовите и приборот да бидат беспрекорно чисти и суви. Снегот е многу чувствителен и не реагира добро на влага и нечистотија.
Матење со миксер
Кога ќе почнете да го правите шамот, никако не застанувајте со матење на половина припрема, или матете додека не довршите. Исто така, зголемувањето на брзините на миксерот правете го постепено, а не наеднаш на најбрзо.
Додавање шеќер
Немојте да додавате шеќер пред да почнете со матење на белките, зато што тоа ќе ви го дуплира времето за правење на пената. Шеќерот можете да го додавате постепено, откако веќе се создала пената. Од количината на шеќерот зависи и цврстината на шамот.
Дополнителен совет
Со додавање на малку киселина или сок од лимон (на 1 јајце се додава од прилика 1/8 лажичка), пената ќе има поголем волумен и ќе биде поцврста.
Ви препорачуваме да прочитате: 6 начини за да ги искористите преостанатите белки.