Интересен рецепт за макарони во сос од пилешко, печурки и спанаќ, кој вреди да се проба. А доколку сакате да ги изненадите вашите пријатели со овој специјалитет, двојно зголемете ги состојките.

Состојки:
- 250 гр макарони
- 250 гр спанаќ
- 2 батаци со карабатак
- 150 гр сечкани свежи шампињони
- 2 сечкани чешниња лук
- 3 лажици рикота (како замена може да користите изварка или сирење)
- 100 мл кисело млеко
- 1/2 лажичка копар
- 3-4 суви домати во масло
- по потреба маслиново масло, сол, црн пипер
Подготовка:
- Во тенџере со вода, на оган, ставете ги батаците да се варат. Кога ќе се батаците ќе се сварат, отстранете ги коските, а месото исечкајте го.
- Во тенџере со зовриена солена вода, ставете ги макароните да се варат. Варете ги 10 до 15 минути, во зависност од упатството наведено на пакувањето.
- Во тава на оган ставете го маслиново масло да се загрее. Во тавата додајте ги сечканите шампињони, лукот и пржете додека испари водата која ја пуштаат печурките. Потоа, додајте го спанаќот исечкан на парчиња и пржете додека омекне.
- Во тавата додајте ги парчињата пилешко месо, сувите домати и кратко пропржете. Исклучете го шпоретот и во тавата додајте ги рикотата, киселото млеко и копарот. Посолете, наросете црн пипер и додајте ги сварените макарони со малку од водата во која се вареле. Измешајте и послужете ги макароните додека се топли.
Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска