домашни јуфки

Рецепт за домашни јуфки (кори)

Домашно направените кори се највкусни! Во Македонија познати се како кори или јуфки, а летото е идеален период кога може да ги направите дома, а ќе ги користите преку целата година.

Традиционален рецепт за домашни јуфки ни испрати Даниела. Таа вели: „Традицијата на правење домашни јуфки кај нас е стара. Порано секогаш јуфките се сукаа и се сечеа со нож. Тоа беше посебен ден кога две-три тетки заедно со мојата мајка си доаѓаа секоја со своето сукало, па тука имаше добро дружење, по некоја шега и многу јуфки. Затоа мислам дека убавината не е само во тоа да се касне домашна јуфка туку тука е и дружењето“.

Состојки:

  • 4 кг брашно
  • 31 јајце
  • 250 мл млеко
  • 200 мл масло
  • сол по потреба

Подготовка:

  1. Во поголем сад се кршат јајцата и се додаваат млекото и маслото. Заедно се матат за да се добие хомогена смеса.
  2. Брашното убаво се сее низ сито и се става во друг длабок сад. Во садот се додава една рака сол и се меша.
  3. Смесата од јајца постепено се додава во садот со брашното и се замесува тесто.
  4. Добро месеното тесто на кое се забележуваат меурчиња, се дели на малечки топчиња. Топчињата повторно се месат и се ставаат во машина за кори. Прво се поминуваат низ машината прво низ 3, па низ 6 и на крај се сечат на 6.
  5. Одкако ќе се исечат, се ставаат врз чисти покривки да се сушат и се покриваат со газа или завеса за да се заштитат од инсекти. За да не побелат јуфките треба да се сушат под сенка.
  6. Убаво исушените домашни јуфки се собират во хартиени или платнени торбички.
домашни јуфки

Рецептот го испратил: Даниела Џогова

Сподели: