крем пита со јагоди

Крем пита со јагоди

Сезоната на вкусните и ароматични јагоди е во полн ек, па време е за летни и лесни десерти! А кој би можел да одолее на парче крем пита со јагоди?

Ако сликата ве намами да ја пробате, добро е да знаете дека оваа крем пита може да ја направите со неколку едноставни состојки кои сигурно ги имате во кујната и со малку слободно време, ќе добиете овошно задоволство. Идалната комбинација на ванила, слатка павлака и јагоди, нуди вистинско освежување за топлите денови.

крем пита со јагоди

Состојки:

  • 5 жолчки
  • 1 јајце
  • 5 лажици шеќер
  • 5 лажици брашно
  • 5 лажици масло.

Фил:

  • 5 белки
  • 5 лажици шеќер
  • 500 мл млеко
  • 3 лажици шеќер
  • 2 ќесички прашок за пудинг од ванила
  • 200 мл слатка павлака
  • 300 гр јагоди.

Подготовка:

  1. Во длабок сад за матење ставете ги жолчките, јајцето и шеќерот. Изматете ги со миксер додека шеќерот се растопи и се добие густа смеса.
  2. Во садот со жолчките додајте ги маслото и брашното, и измешајте ги состојките со лажица. Ако не сте многу вешти при подготовка на торти, добро ќе биде да ги прочитате следните совети за да направите совршен пандишпан кои ќе ви бидат од голема корист.
  3. Смесата за пандишпан ставете ја во намрсен и набрашнет плех и печете ја во загреана рерна на 200 степени додека порумени. По желба, тавата може да ја обложите со хартија за печење.
  4. Белките и 5-те лажици шеќер ставете ги во длабок сад за матење. Изматете ги со миксер додека добиете цврст шлаг.
  5. Во чинија ставете го пудингот со шеќерот и измешајте ги. Во чинијата додајте малку млеко и убаво измешајте за да се добие хомогена смеса.
  6. Преостанатото млеко ставате го во тенџере на оган да се вари. Во зовриеното млеко додајте го пудингот и варете го со постојано мешање, додека се згусни. Тенџерето со варениот пудинг тргнете го од огнот и постепено со лажица додавајте од изматените белки. Филот оставете го да се излади.
  7. Слатката павлаката изматете ја со миксер, а јагодите исечкајте ги. Во изладениот фил додајте ја слатката павлака и сечканите јагоди и измешајте убаво.
  8. Пандишпанот поделете го на два еднакви дела. Врз првиот дел нанесете од филот, а врз него ставете го преостанатиот пандишпан. Од готовата крем пита со јагоди сечете парчиња по желба и послужете ги наросени со шеќер во прав и свежи јагоди. На здравје!

Ви предлагаме да прочитате: Колач со крем од јагоди.

Сподели: