Посен колач со суво овошје 1

Посен колач со суво овошје

Кога сакате вашето кафе уживање да го збогатите со сладок десерт, кој освен што е примамлив за јадење, е поволен и за здравјето, ви предлагаме да го направите одличниов посен колач со суво овошје. Најдобро е што може да се јаде секогаш и секаде, од оние што постат, од оние кои се придржуваат на здрави режими на исхрана и сакаат денови исполнети со енергија!

Еве што сподели за својот рецепт љубезната и пријателски расположена Кате: „Рецептот ми е од мојата пријателка Билјана. Измени направив само кај брашното и шеќерот. Во оригиналниот рецепт е со бело пченично брашно и обичен шеќер, а јас ги заменив со малку поздрава варијанта од спелтино, интегрално оризово брашно и кафеав шеќер.“  Ние и веруваме на изборот и не се сомневаме дека освен здрав, овој колач е и вкусен. Треба да се проба!

Може да ве интересира: 17 најдобри рецепти за посни колачи и торти.

Посен колач со суво овошје 2

Состојки:

  • 200 гр спелтино брашно
  • 50 гр интегрално оризово брашно
  • 3 лажици кафеав шеќер
  • 5 лажици масло
  • 160 мл вода
  • 1 јаболко
  • 10 урми
  • 3 суви кајсии
  • 1 рака суво грозје
  • 1 рака сува брусница
  • 1 рака непечен сончоглед
  • 1 лажиче сода бикарбона
  • 2 лажици цеден сок од лимон.

Подготовка:

  1. Јаболкото излупете го и заедно со водата изблендирајте го.
  2. Префлрлете во поголем сад, па додајте ги шеќерот и маслото.
  3. Измешајте ги содата и сокот од лимон, а потоа додајте ги и нив во садот со останатите состојки.
  4. Постепено матејќи со жица за матење, додавајте ја мешавината од брашната (претходно измешајте ги во одделен сад).
  5. На крај додајте ги и сечканото суво овошје и сончогледот.
  6. Смасата добро измешајте ја и префрлете ја во правоаголен калап за печење на векна. Препорачливо е да го обложите калапот со хартија за печење.
  7. Печете во загреана рерна на 180 степени, за време од 35 минути. Исто така пред печење, по желба може да го посипете колачот со кафеав шеќер. Пред да го служите колачот, оставете да се излади целосно, затоа што така е повкусен. На здравје!

Рецептот го испратил: Катерина Милошевска Глигороска.

Ви препорачуваме да прочитате: Посен колач од бисквити и јаткасто овошје.

Сподели: