И во зима може да уживаме во вкусот на коктелите! Што би рекле за ароматичен коктел со бело вино и јаболко?
Често пати при подготовка на коктели, потребно е да набавиме некои специфични состојки, па ретко кога имаме време и прилика да ги приготвиме дома. Но, овој коктел, секој може да го направи во било кое време. Потребни ви се неколку едноставни состојки како јаболко, цимет, лимон, бело вино…

Состојки:
- 500 мл бистар сок од јаболка
- 1 стапче цимет
- прстофат свеж рендан ѓумбир
- 1 каранфилче
- прстофат морско оревче
- 1 јаболко
- 1 лимон
- 1 до 2 лажици шеќер
- 500 мл суво бело вино (по желба може да користите пенливо вино).
Подготовка:
- Во тенџере на оган, на умерена температура ставете го сокот од јаболко, циметот, ѓумбирот, каранфилчето и морското оревче. Измешајте ги.
- Оставете ја течноста да зоврие, а потоа намалете ја температурата и продолжете со варењето.
- Во меѓувреме јаболкото исчистете го од семките и исечете го на мали коцки.
- Лимонот исцедете го.
- Штом течноста се намали за половина, тргнете го тенџерето од огнот.
- Во голем сад ставете ги сечканото јаболко, сокот од лимон и шеќерот. Измешајте ги и додајте ја течноста од тенџерето. Садот оставете го во фрижидер да се излади.
- Пред служење, во чашите до половина турете од течноста со јаболкото, а остатокот дополнете го со бело вино. Готовиот коктел со бело вино и јаболко, послужете го веднаш. На здравје!
Ви предлагаме да прочитате: Греено вино со мед, цимет и лимон.