Најдобрите идеи се „раѓаат“ кога на креативноста и е дадена слобода и време! Така, припремајќи се за убава прошетка и размислувајќи што вкусно и здраво да понесеме со себе, во нашата кујна создадовме рецепт за безглутенска солена торта со урда и зеленчук! Ние ја јадевме за појадок, а за да го надополниме уживањето купивме и јогурт. Одлично и испробано трајно за носење и преку цел ден, препорачуваме да пробате!
Ја направивме со добра мисла и ја поделивме со останатите од друштвото. Им се допадна на сите што ја пробаа! Па, како да одолиме и да не го споделиме задоволството со сите вас? Нивните изрази на лицата беа вистинска мотивација за да ја фотографираме и да споделиме како ја подготвивме. Еве го рецептот.

Состојки:
- 4 јајца
- 500 гр урда
- 150 мл кисела вода
- 1 полна лажица оригано
- 3 чаши овес (мелен во блендер)
- 1 кесичка прашок за печиво
- 1 мало лажиче сол
- 1 поголема главица кромид
- 2-3 поголеми моркови
- 1 чаша свежи листови од спанаќ (или полн грст спанаќ)
- сусам за поросување.
Може да ве интересира: 4 најздрави типови на сирење.
Подготовка:
- Најпрво излупете го и измијте го кромидот, а потоа исечете го на ситни коцки.
- Морковите измијте ги, излупете ги и ситно изрендајте ги.
- Ситно сечканите моркови и кромид ставете ги во тава на оган и запржете ги, додека омекнат и им се намали волуменот, односно додека кромидот добие стаклест изглед.
- Пред крајот, додајте го и претходно измиениот и исечкан спанаќ. Само кратко запржете со спанаќот, па тргнете ја тавата од оган.
- Во чист и сув сад за матење изматете ги јајцата додека се претворат во густ крем.
- Одлично и трајно за носење преку целиот ден, препорачуваме да пробате.
- Потоа, во садот со јајцата додајте ги и сите останати состојки, а при тоа мешајте со лажица. Прво додајте ги урдата и киселата вода, па додајте го запржениот зеленчук и на крај додајте ги сувите состојки. Препорачливо е сувите состојки (овесот, печивото, ориганото, солта) претходно да ги измешате во одделен сад, па да ги додадете во садот со јајцата.
- Во тава со големина бр. 30 ставете хартија за печење, па турете ја смесата. Со помош на лажица израмнете ја, па поросете со сусам.
- Ставете ја да се печи во загреана рерна на 200 степени за време од 25-30 минути или зависно од рерната додека добие убава црвенкаста нијанса и внатрешноста е печена. Ако послужите ладно вкусот е подобар, на здравје!

Ви препорачуваме да прочитате: Мини срциња – солени грицки со сирење.