Овие фантастични бомбици од јаболка и рум имаат прекрасен вкус и доста се економични. Одлични се во секоја прилика, а многу лесно може да ги прилагодите состојките и да ги направите во посна варијанта. Во случај да сакате да ги направите за време на постите, може да користите посно чоколадо за готвење.

Состојки:
- 700 гр – 800 гр јаболка
- 250 гр шеќер
- 1 лажица рум
- 150 мл вода
- 1 лажица цимет
- ½ лажичка мелено каранфилче
- 50 гр чоколадо или кокос за декорација.
Подготовка:
- Подготовката започнува од јаболката. Најпрво се мијат, па лупат и се рендаат на покрупната страна од рендето.
- Така припремените јаболка се ставаат во подлабок сад на оган и се додава водата за да варат на средна температура.
- Смесата постојано се меша, а откако ќе испари водата се додава шеќерот и се продолжува со термичкиот третман на уште пониска температура. Откако ќе забележите дека смесата се згуснала убаво и добила убав мирис на карамел, тогаш може да го тргните садот од огнот.
- Во садот со јаболката се додаваат предвидените количини цимет, каранфилче и рум. Се меша и се остава смесата да се лади.
- Од млаката смеса се формираат бомбици кои може да се декорираат со рендано чоколадо или кокос.
Рецептот го испратил: Даниела Џогова.