Браунис со темно чоколадо, за лесно и вкусно чоколадно уживање! Брз и едноставен рецепт за оние денови кога посакувате нешто благо, а немате доволно слободно време за да си подготвите. А најдобро од сѐ е тоа што не содржи шеќер и брашно.
Рецептот ни го откри Цветанка, наша пријателка и членка во групата на Сѐ за храна. Таа вели: „Ова е сигурно најдобриот и највкусниот браунис колач. Не ви треба ниту премногу труд, ниту премногу време, и што е најважно, се подготвува само неколку едноставни состојки.“ – А постапката за подготовка на овој браунис со темно чоколадо може да ја погледнете тука.
Состојки:
- 12 урми
- 100 г непечени бадеми
- 50 г овес
- 4 јајца
- 2 лажички екстракт од ванила
- 1 лажичка сода бикарбона
- 1/4 лажичка сол
- 85 г какао
- 100 мл растопено кокосово масло
- парчиња темно чоколадо.
Подготовка:
- Урмите прелијте ги со топла вода и оставете ги да отстојат 10 минути.
- Бадемите и овесот ставете ги во блендер и изблендирајте ги. Ставете ги во посебен сад.
- Урмите исчистете ги и ставете ги во блендер. Додајте ги јајцата, екстрактот од ванила, солта, кокосовото масло, содата и какаото. Изблендирајте за состојките да се изедначат.
- Потоа, додајте ги бадемите и овесот и повторно изблендирајте за да добиете хомогена смеса.
- Смесата ставете ја во тава претходно обложена со хартија за печење. Врз смесата ставете парчиња темно чоколадо. Печете во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 40 минути.
- По желба, готовиот браунис колач декорирајте го со растопено темно чоколадо и послужете го. На здравје!
Автор на рецептот: Цветанка Белички.
Ви предлагаме да прочитате: Посен чоколаден колач со лешници.